Чифлиганец плати 1,4 милиони евра за акции во „Комерцијална банка“ – ММС
ММС

Објавено на: 11/4/19 11:40 AM

Чифлиганец плати 1,4 милиони евра за акции во „Комерцијална банка“

„Адора“ продолжува со купување акции во „Комерцијална банка“, пишува порталот „Фактор“. Во петок вложи 1,4 милиони евра во 15.191 акција и сега поседува 10,76 отсто од гласачките права.

Скопската градежна компанија „Адора Инженеринг“ ДООЕЛ вложи 1,4 милиони евра во акции со право на глас во најголемата македонска банка „Комерцијална банка“. „Адора“ која и досега е најголем поединечен акционер во оваа банка со новостекнатите акции ќе поседува 10,76 отсто од управувачките права врз банката. Овие 15.191 акции „Адора“ ги купи на пазарна берзанска цена од 5.650 денари за акција. Потврдата за оваа трансакција дојде денеска преку соопштение за јавност што до Македонска берза го објави „Комерцијална банка“.

Оваа информација, според инвеститори, многу веројатно ќе значи нова „базна“ цена за таа многу ликвидна акција на нашиот пазар. Многу е веројатно дека во блиска иднина цената на оваа акција ќе расте како резултат на купувањето на „Адора“. Антиципацијата се објаснува со тоа што: прво, чинот да се купат толкава количина акции по пазарна цена ќе охрабри значаен број потенцијални инвеститори. Тие ќе ја протолкуваат како исигурност во инвестицијата, а може да ја поврзат и со очекувања за солидна идна дивиденда. Второ, сега ќе има 15.000 акции помалку во „фри флоат“ што само по себе значи намалување на понудата на акции во услови кога на страната на побарувачката се очекуваат позитивни вибрации.

Што си купи Чифлиганец?

„Адора“ од втората третина на март до почетокот на јули лани вложи околу 10 милиони евра во акции. Многу позитивен преседан во македонската корпоративна историја е тоа што „Адора“ купува акции по пазарни цен на Македонската берза за хартии  од вредност. Не доминираа договорени блок трансакции по однапред утврдени цени како што сме гледале досега во повеќе наврати во минатото тргување со различни акции на нашиот пазар. Влезот на „Адора“ и на неколку други компании во „Комерцијална банка“ ги зголеми очекувањата на продавачите на акции и пазарната цена на таа акција почна да расте. Од 3.700 денари во втората третина на март до 5.500 денари во втората половина на јуни. „Адора“ ги следеше пазарните цени и купуваше акции. Продолжи да го зголемува своето учество во акционерската структура и покажа сериозен пристап и континуитет во купувањето.

За да добиеме подобра слика за тоа во што вложува Чифлиганец ќе ги изнесе најважните јавно достапни податоци за пазарната позиција на „Комерцијална банка“:

– „Комерцијална банка“ поседувала над отсто од целата актива на македонскиот банкарски пазар;

-нејзиниот капитал и резерви се 20 отсто од целиот банкарски систем;

-„Комерцијална банка“ држи над 25 отсто од сите депозити на нефинансискиот сектор во Македонија;

– „Комерцијална банка“ има 11 филијали и 57 експозитури во Македонија;

-„Комерцијална банка“ има деловни односи со 667 банки во 37 земји во светот;

-Депозитите на коминтенти (освен банките) изнесуваат 1,48 милијарди евра

-Комерцијална банка поседува 49 отсто од „Прво пензиско друштво“ фирмата која управува со половина милијарда евра пари на идните пензионери;

-„Комерцијална банка“ поседува 64 отсто од „КБ Публикум“ друштово кое управува повеќе од 50 милиони евра вложени во финансиски инструменти и во депозити.

(Фактор)