„Наместо да седиме дома и само да критикуваме, потребно е да соработуваме со власта, независно кој од која политичка партија доаѓа. Само така општината може да оди напред, а граѓаните да чувствуваат подобрување на условите“. Вака градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев кој е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, одговара на бројните коментари за синоќешното негово присуство на трибината на СДСМ во Кавадарци.
Тој ги отфрла шпекулациите дека преминува во СДСМ, и вели дека на трибината присуствувал исклучиво како градоначалник на Кавадарци, каде истата се одржуваше.
„Бев присутен да ги слушнам нивните проекти и да видам дали нашите проекти се усогласени во делот со она што го предлагаат и им го кажуваат на кавадарчани. Кажаа дека ќе се прави граничниот премин, кажаа дека ќе се прави заобиколница. Единствена моја забелешка е што гасификацијата е задоцнета. Бев да слушнам и што му се намерите за лозарите, кога ќе се пуштат субвенции. Како градоначалник од тој аспект бев, од морални причини“ објаснува Јанчев во изјава за Канал 77.
Јанчев нагласува дека не ги дели луѓето по политичка ниту верска основа, туку единствено гледа да се обезбедат подобри проекти за општината која ја води во моментот.
„ Ако не бевме корпоративни и објективни во овие две години Кавадарци ќе беше како пред две години. Бидејќи немаме суети и его Кавадарци одите и ќе оди напред. Кој како толкува и размислува. Јас размислувам баш вака дека треба да се соработува со секој релевантен фактор, по готово со владата и министрите за да општината оди напред, а ако седиме дома и опструираме и кажуваме кој од која пол партија доаѓа нема иднина“, додава Јанчев.
Градоначалникот појаснува дека од големо значење е граничниот премин Пулевац, кој ќе се отвори од кавадаречка страна со Грција, а исто така со финансирањето од страна на државата на документација за заобиколница, чија изградба ќе чини 8 милиони евра жителите на Ваташа, Глишиќ, Возарци, Марена па и градот ќе се растеретат од тешките теретни возила, но ќе се има и почист воздух.
Ангел Данов