Вандализам во Прилеп: Уништен еден од видиковците на Марковите Кули – ММС
ММС

Објавено на: 10/30/19 4:10 PM

Вандализам во Прилеп: Уништен еден од видиковците на Марковите Кули

Непознати сторители ноќеска уништиле еден од двата изградени летниковци (видиковци) на локалитетот „Маркови Кули”, поставени неодамна во рамките на проектот „Маркови Кули – заштита и делување”, реагиран од прилепската локална самоуправа. Случајот е пријавен во полицијата.

Општината и прилепскиот „Институт за старословенска култура” го осудуваат овој, како што велат, вандалски чин и апелираат да не се случуват вакви разурнувања.

Општината и Институтот се реализатори на проектот „Маркови Кули – заштита и делување” во чии рамки, покрај изградбата на двата видиковци, беа изработени и поставени патокази, информативни табли, информативна точка, брошури и веб-страница за туристичката атрактивност на комплесот „Маркови кули” кој претендира да биде на постојаната листа на УНЕСКО.

Надлежните апелираат до сите кои имаат сознанија за овој вандалски чин или пак, за сторителите, да пријават во полицијата.

Од локалната самоуправа нагласуваат дека споменикот на природата и на културата, Марковите Кули, е место каде што се развива рекреативниот и активен туризам, и каде што се одржуваат спортски настани и активности: пешачење, болдеринг, параглајдерство, ултрамаратон, итн, зголемениот обем на посетители и развојот на туризмот, па неминовно овој локалитет предизвикува да биде изложен на неконтролираната експлоатација и деградацијата, преку штетни човечки практики. Се апелира на зголемена граѓанска свест за чување и добро однесување со општите добра.

Институтот за старословенска култура во соработка со Општината ќе организира серија на информативно-едукативни средби со граѓаните за мотивирање на населението и на корисниците на просторот, да најдат свој интерес и да учествуваат во неговата заштита.