Двајца од десетмината тешко повредени градежни работници од Куманово со тешки телесни повреди и во неконтактибилна состојба се пренесени на КАРИЛ каде се приклучени на апарати за дишење.
Нивната состојба се следи, но засега е неизвесна.
Во меѓувреме останатите се во кумановската болница и лекараска помош им се укажа таму. Според неофицијални информации, уште двајца попладнево се испратени на скопските клиники со тешки скршеници на екстремитетите, но нивната состојба е стабилна.
Во меѓувреме се уште нема информации од полицијата за деталите кои довеле до несреќата, а на терен е излезена и крим техника и јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Куманово, како и трудовата инспекција.
Според информации од теренот до незгодата дошло откако метална конструкција паднала и ги поклопила градежните работници.
Од СВР Куманово ветија дека ќе испратат соопштение најдоцна до 14:30, меѓутоа до изготвување на овој прилог од таму немаше никаква информација.
Никола Ивановски