На триесетина штандови на градскиот плоштад во Кавадарци беа претставени спортските клубови, невладините и хуманитарни организации, училишта за странски јазици и за музика во рамки на шестиот саем за вон училишни активности. Организатор на саемот е Советот против малолетничко престапништво на град Кавадарци, а има за цел на учениците да им понуди корисен начин како да го минуваат своето слободно време преку спорт или други активности надвор од училиштето.
„ Ова е голем настан за нас кој се одржува шеста година по ред. Саемот ќе го посетат околу 3000 ученици од прво до петто одделение. Тие со своите наставници и родители ќе можат да одберат свое катче и свое место каде ќе можат да го поминат своето слободно време. На индиректен начин да ги ангажираме да имаат помалку време за лошите пороци кои се почесто ги следат младите“ вели инспекторот за превенција во кавадаречката полиција и претседател на Советот против малолетничко претстапништво, Димитар Каракулев.
Тој е главниот „виновник“ за оваа манифестација, која се одржува единствено во Кавадарци, а преку која многу ученици од основно образование си избираат вистински правец за вон училишни активности.
Каракулев најави дека постои можност во соработка со локалната самоуправа, саемот да биде составен дел на манифестацијата Тиквешки гроздобер, на почетокот на учебната година.
„ Саемот е одличена можност нашите најмлади да учествуваат во некаква активност надвор од училиштето, а тоа на некој начин да биде добро за нивни психофизички развој. Спортот и активноста ни е многу важна денеска кога компјутерите и телефоните се секојдневие на овие генерации“ вели градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.
Можност имаа сите спортски клубови, НВО и уметнички школи да се престават со своите активности, постигнувања и резултати и да привлечат нови членови во своите редови.
Ангел Данов