Палмер: Силна поддршка на САД за Северна Македонија и нејзиниот европски пат – ММС
ММС

Објавено на: 10/29/19 5:48 PM

Палмер: Силна поддршка на САД за Северна Македонија и нејзиниот европски пат

Доаѓам со цел уште еднаш да ја потврдам и зајакнам силната поддршка на САД за Северна Македонија и за нејзиниот европски пат и перспектива, порача денеска специјалниот претставник на американскиот државен секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер.

Тој, по средбата со министерот за надворешни работи Никола Димитров, изрази задоволство што е повторно во Скопје и како што рече, има можност да се види со пријатели и да разговара за последните случувања во регионот и Европа.

-Доаѓам веднаш по ратификацијата на протоколот за НАТО членство од американскиот Сенат. Ова е најповолно време да се биде тука, исто така, по неодамнешната посета на американскиот државен секретар Мајк Помпео. Доаѓам со цел уште еднаш да ја потврдам и зајакнам силната американска поддршка за Северна Македонија и за нејзиниот европски пат и перспектива, порача Палмер.

Ова е прва станица, рече Палмер, по што следува посета на Белград, Приштина и Атина.

За евроатлатнските перспективи на земјава, нејзиното извесно членство во НАТО, но и за интегрирањето во ЕУ, како и за регионално прашања разговарале Димитров и Палмер.

-Зборувавме за извесното членство во НАТО и за тоа колку е важно да се отвори европското поглавје, за македонските интереси и за интересите на Вашингтон. Еднаш паднавме во замката на жртвата и разочарувањето во 2008 година и мислам дека нема тоа далеку да не одведе доколку пад паднеме. Треба да бидеме упорни и да го тргнеме и последното оправдување, тоа е законот за јавното обвинителство. Да излеземе уште поподготвени и поупорни, рече Димитров и додаде дека е потребно да се најде начин како заеднички да се остварат и нашите интереси и оние на земјите-членки.

Додаде дека имаме заеднички интерес – тоа е региоот. – Не може Европа да биде стабилна и цврста ако регионот е ранлив, а наша задача е да најдеме сили тоа да го направиме, да најдеме сили да бидеме победници, а не жртви, рече Димитров.

Специјалниот претставник на американскиот државен секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер денеска има средба и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска и претседателот Стево Пендаровски.