Германскиот печат пишува за пристигнувањето на системите С-400 и Панцир во Србија во рамките на заедничката воена вежба со Русија, а тема е и разочарувањето на западен Балкан поради тоа што проширувањето на ЕУ е на мраз, пренесува „Дојче веле“.
„Воена братска помош за братска Србија“, е насловот на извештајот во берлински „Велт“. „Москва во Србија испрати два ултраморедрни ракетни системи за потребите на воената вежба. Противвоздушниот систем С-400 и мобилните противвоздушни ракети „панцир“ првпат се употребуваат на вежби надвор од Русија, а се користеа во војната во Сирија“, пренесува весникот.
Германската агенција ДПА пишува дека Русија сака да ја зајакне својата позиција како извозник на оружје, затоа и сакала да ја искористи вежбата во Србија како реклама за продажба на системот С-400 во странство.
„Зидојче цајтунг“ во текстот под наслов „Разочарани“ пишува за тоа до што доведува одбивањето на Франција и некои други земји-членки на ЕУ да почнат преговори со Скопје и со Тирана.
„Како тоа конкретно изгледа ќе може да се види и овој петок во Москва каде што ќе биде потпишан договор за слободна трговија помеѓу Србија и Евроазиската економска унија што ја предводи Русија“, пишува минхенскиот весник.