Нема дилема дека намерно е запален автомобилот на екс претседателот на СДСМ во Штип – ММС
ММС

Објавено на: 10/24/19 2:46 PM

Нема дилема дека намерно е запален автомобилот на екс претседателот на СДСМ во Штип

Двете политички партии СДСМ и ВМРО ДПМНЕ меѓусебно покажаа со прст, по утринското опожување на пет возила во штипската населба Сењак 3. Две од трите возила што целосно изгореа, а веројатно биле мета, се возилото на поранешниот претседател на СДСМ Никола Тушев и на неговиот татко. Веќе е познат начинот на кој се запалени возилата. Со хебла се скршени прозорците на двата Пасата, по што веројатно со молотов коктел е запалена внатрешноста. Огнот бил толку силен, што се зафатени и околните возила. Дека намерно се запалени возилата, говори податокот дека се таргетирани возилата на Тушеви, кои едно со друго  се наоѓале на спротивна страна. Останатите три возила се колатерлна штета.

Пожарот е пријавен изутрината во 5:25 часот, по што пожарникарите веднаш изглегле на терен. Огнот, според командирот Тони Атанасов бил изгаснат за неполн час.

-Веднаш е излезено на терен и пожарот е изгаснат околу 6:30 часот. Според кажувањето на професионалците, утврдено е дека се работи за тотално уништување на автомобилите. За причината не можеме да кажеме, ќе си ја утврдат органите, изјави Атанасов.

Од полицијата соопштија дека се опожарени три возила. Двете се од марка Пасат, сопственост на Н.Т.(32) и на М.Т.(63) и Опел Астра сопственост на О.М.(61), а делумно се опожарени уште две други возила.

Претседателот на штипски СДСМ, Александар Кангалов на прес конференција го осуди чинот. Рече оти ќе одговори писмено на новинарските прашања за шпекулациите што кружат по пожарот, дека  палењето на автомобилите всушност е одмазда од сопартиец, кој не ја добил ветената работа.

Кангалов јавно праша дали на ова мисли Мицкоски, кога зборува за обнова.

-Дали всушност се зборува за обнова на режимот?Дали се работи за обнова на насилништво?Дали се работи за обнова на бандитите и несигурноста? Дали оние со спротивставено мислење не нудат ништо освен обнова на режимската матрица, одбрана на криминалот и обнова на омразата и поделбите?Секој чин на насилство, заплашување и загрозување на индивидуалната и колективната безбедност е за најостра осуда, рече на пресот Кангалов, кој го осуди насилството.

Со прашање одговорија и од ВМРО ДПМНЕ.

– Дали овој чин всушност не e поврзан со рекетарско – криминалните односи кои од централната се префрлаат на локалната власт?Дали „шушкањата” дека се вработуваат лица за пари и на нетранспарентен начин, не испровоцирало некој од партијата да се осмели на ваков чин?Дали поранешниот претседател на ОО СДСМ Штип има нерачистени должничко – доверителски односи во некој од многубројните негови бизниси?, прашаа со соопштение од ВМРО ДПМНЕ.

Инаку, во последните месеци зачестија случаите на опожарени возила и тоа на ист дел од градот. Од почетокот на годината до сега се опожарени вкупно 19 возила.