Шеесетината вработени кои останаа во прилепската фабрика „Еурокомпозит”, по прогласувањето на технолошки вишок на 154 работници, денеска протестираа пред фирмата. Тие побараа плата, зашто веќе три месеци немаат земено. Добиваат само по околу 3 500 денари, но плата нема.
Според Роберт Богданоски, претседател на синдикатот при „Еурокомпозит” изразуваат благодарност до Владата што го реши со закон проблемот со заостанатите придонеси, но целосно ситуацијата не е разрешена. Нема плата, ниту работа во фабриката.
„Сите договори досега што ги имавме се завршени, во моментов немаме работа и ситуацијата е многу лоша. На работа останавме шеесет и четворица работници, другите 154 се прогласените технолошки вишок. Ни беше ветувано дека ќе земаме плата редовно, но сега не се случува. Три месеци добиваме по 3.500 денари, а со тоа не се живее. Имаме сознанија и потврда од директорот, дека Управниот одбор редовно зема плата. Денеска е протест и решени сме да го активираме штрајкот и повторно на улица и пред Владата, за жал, да си ги бараме правата“, изјави Богданоски.
Здравственото осигурување се плаќа, а нови придонесе не се плаќаат зашто треба да дојде инвеститор, а досега нема најава за тоа. Работниците велат дека недостасува стручна работна рака за работа со нови договори, зашто најголемиот број се прогласени технолошки вишок.
„Има недостиг од работници кои ќе работат на машините. Тие заминаа технолошки вишок. Сега не знаеме како и дали ќе се работи, вели Илија Талески. Не гледаме иднина зашто ни се вели дека ќе ни дава по 2000 до 3000 денари месечно, но сето тоа е многу неизвесно“, вели работникот Горан Велески.