Заев: Уште е рано да се разговара за технички премиер – ММС
ММС

Објавено на: 10/22/19 12:14 PM

Заев: Уште е рано да се разговара за технички премиер

Рано е уште да се разговара за технички премиер и министри, во овој период Владата е насочена да го одржи темпото на економските реформи, изјави премиерот Зоран Заев.

„Рано е уште. Владата е насочена и во овој период да го одржи темпото на економските реформи што се случуваат во државата. Знаете дека имаме таргет од четири отсто, иако е проектиран во Буџетот на 3,5 отсто. Имаме цел да ги оствариме ваквите таргети со остварување на 4,1 отсто раст, а тоа значи многу нови работни места, многу нови инвестиции во државата, зголемен извоз и зголемен економски стандард на граѓаните“, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на Конференција на Светската царинска организација – ПИКАРД што се одржува денеска во Скопје.

На прашањето дали ако победат на изборите повторно ќе биде премиер, Заев одговори дека побарал нов чист мандат за да може да ги продолжат реформите.

Тој уште кажа дека нема информации за тврдењата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски оти некоја од партиите од владејачката коалиција разговараат за преоѓање во опозицискиот блок и додаде дека секоја партија е независна во својата определба. Сепак, очекува валдејачката коалиција дополнително да се зголемува.