Во последните два месеца, најмалку 55 слонови пцовисале во резерватот во западниот дел на Зимбабве поради глад предизвикан од големата суша, објави вчера Агенцијата за заштита на диви животни. Повеќето слонови пцовисале близу до водопоило во соседниот национален парк, што значи дека поминале долг пат додека да дојдат до вода и да ја згаснат жедта.
Истрагата утврдила дека најмалку 55 слонови пцовисале поради немање доволно храна и вода во резерватот во кој живее најголемата популација од речиси 50.000 слонови.
Поради таквата состојба, слоновите речиси целосно ја уништиле вегетацијата во резерватот, а во потрага по храна напаѓале во блиските села, па се’ почесто доаѓале до судири со луѓето. Во последните пет години од напади на слонови загинале повеќе од 200 луѓе.