Обвинителката се повлече од предметот за смртта на Тамара – ММС
ММС

Објавено на: 10/21/19 12:55 PM

Обвинителката се повлече од предметот за смртта на Тамара

Јавната обвинителка која го застапуваше обвинението против лекари и екс директори на Фондот за смртта на малата Тамара денеска го информираше Судот дека се иззема од предметот, а денешното судење беше одложено.

Обвинителката Наташа Гоџовска денеска не се појави на рочиштето, само телефонски го известила судијата Марин Станевски дека нема да го застапува обвинението.

За несовесно работење во службата обвинети се 12 лица – доктори и членови на првостепенета и второстепенета комисија кои го донеле и потврдиле негативното решение за лекување во странство на Тамара.

Обвинети се и двајцата тогашни директори на Фондот за здравствено осигурување и претседателот на Управниот одбор на ФЗО.  Тие се обвинети за несовесно работење во службата.

ОЈО Скопје поднесе обвинение против 12 луѓе за смртта на малата Тамара

Од Обвинителството за НОВА изјавија дека обвинителката се повлекла од приватни причини, но не наведоа за што станува збор. Во официјалниот  одговор на нашите прашања рекоа дека „настапиле нови околности“.

„Поради нови околности кои настапија во периодот од претходната до денешната главна расправа, јавниот обвинител кој постапува во предметот ценеше дека постои законска пречка за понатамошно постапување во предметот.

Од тие причини е доставено барањето за изземање.

По прифаќање на барањето за изземање, ќе биде назначен друг јавен обвинител од ОЈО Скопје, а постапката ќе продолжи натаму со вообичаен тек“ пишува во одговорот од Јавното Обвинителство.

Обвинението беше поднесено во мај минатата година и отогаш се одржаа само неколку рочишта, поради остсутво на дел од обвинетите. Обвинетите во текот на постапката се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

Обвинетите за смртта на Тамара се изјаснија дека не се виновни

Осум годишната Тамара Димовска почина во 2015 чекајќи операција на рбетот во странство.

Првостепената лекарска комисија за одлучување по правото на лекување во странство, се наведува во обвинителниот акт, го донела првичното негативно мислење за лекувањето на Тамара Димовска.

Комисијата, спротивно на Стручниот конзилиум на Универзитетската клиника ТОАРИЛУЦ, а по истекот на законски предвидениот рок донела мислење дека не се исцрпени можностите за лекување на пациентот во Македонија.

Преземено од: www.novatv.mk