Барселона и цела североисточна Каталонија се блокирани поради бројни штрајкови и демонстрации организирани во знак на протест поради пресудата за каталонските сепаратисти.
Општиот штрајк бил организиран на повик на синдикатите кои заговараат независност на Каталонија, а илјадници демонстранти пристигнуваат во Барселона, каде навечер во масовните протести ќе бараат ослободување на затворените каталонски сепаратисти.
Шпанските власти соопштиле дека се откажани 57 летови, а учесниците на протестите уште утрово ја затвориле границата со Франција и уште најмалку 25 сообраќајници.
Значително е намален и бројот на поаѓање на возови, а бројни продавници и фабрики исто така се затворени.
Затворена е и славната катедрала Саграда Фамилија, бидејќи демонстрантите го блокирале влезот во неа.
Автопатите кои водат кон градот се окупирани од учесниците на пет маршови организирани од други каталонски градови, а кон нив се приклучиле и земјоделци со трактори.
Здравствените службеници навеле дека во протестите одржани во четвртокот навечер биле повредени 42 лица, како и дека биле уапсени 16 лица, од кои осум биле пратени во затвор.
Министерот за внатрешни работи, Фернандо Гранде Марласка изјавил дека властите следат една помала група која предизвикува инциденти на специфични места.
Тој додал и дека туристите без проблем и страв за својата безбедност можат да ја посетуваат Барселона.
Во понеделникот Врховниот суд во Мадрид осудил деветмина каталонски лидери на затворски казни од 9 до 13 години поради организирање на референдум за независност во 2017-та година, а од тогаш во Барселона почнале протести во кои на градот му била нанесена штета од 1,5 милиони евра.
точка.мк