Скопје од денеска до 23 месецов ќе биде домаќин на првата Конвенција за вселенска индустрија во регионот на Југоисточна Европа, на која учествуваат компании од Западна Европа, САД и Азија. Настанот го организира ЊуМенс Бизнис Акцелератор, во соработка со партнери од некои од најголемите вселенски агенции, како што е Брус Питман, главен стратег во НАСА, кој е одговорен за соработка со приватниот сектор. Форумот вклучува три главни содржини: Хакатон за студенти од 18 до 20 октомври и Конференција и Саем за индустрија од 21 до 23 октомври.
Над 30 претставници на компании од САД, Канада, Западна Европа (Холандија, Франција, Германија, Италија, Унгарија, Австрија) и Азија (Јужна Кореја и Хонг Конг), кои се добавувачи на вселенската индустрија, ќе се сретнат во Скопје со компании од македонската индустрија, со цел да презентираат на кој начин компаниите од реалниот сектор и од помалите земји можат да се вклучат во оваа високопрофитабилна индустрија, како и да идентификуваат потенцијални партнери и соработници, и да се запознаат со капацитетот на домашните таленти.
Меѓу учесниците на Конвенцијата се претставници на Националната аеронаутичка и вселенска агенција (НАСА), Планет, Ербас Дефенс енд Спејс, Азимут Спејс, Талес, Сапиенца Консалтинг, Течјон Аероспејс, Контек, Скај Лабс и други.
Конференцискиот дел од Конвенцијата, како и Саемот за индустрија ќе се случуваат од 21 до 23 октомври во хотелот Александар Палас и се наменети за компании од индустриите за информациски и комуникациски технологии, автоматика, роботика, паметни материјали, текстил, медицина, обновливи извори на енергија и агрономија.
Формално Конвенцијата започнува денеска со хакатон за млади таленти насловена НАСА Спејс Апс Челинџ, што ќе трае до недела и на кој учесниците ќе решаваат глобални проблеми со помош на нови технологии, а во кој како ментори и судии ќе се вклучат и дел од експертите гости од странство, како и бројни домашни експерти од Нетцетера, Веб Фактори, Оне Инсајд, Симфони Солушн, Природно Научниот Музеј и други.