Четири лица се повредени откако воз удри во патничко возило, во кое се превезувале пет лица, кои патувале на работа. Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп заедно со увидна екипа од Министерството за внатрешни работи утринава изврши увид на местото каде се случи железничка несреќа во која се повредени четири лица.
Утринава во 5.20 часот, на железнички премин во Прилеп, во близина на меѓуградската автобуска станица, воз удри во патничко моторно возило Ауди во кое се превезувале пет лица. Патниците од автомобилот биле колеги кои утрината заедно патувале до своите работни места. При обид да ја преминат пругата, во нив удрил возот, при што две лица се телесно повредени, а две се здобиле со тешки телесни повреди.
-Надлежен јавен обвинител издаде наредби за фотографирање и скицирање на местото на настанот и за вршење на вонреден технички преглед на локомотивата од страна на машински инженер. Ќе се вештачи и рампата од железничкиот премин, во насока на утврдување на исправноста на нејзиното функционирање. По извршено тестирање, не е утврдено присуство на алкохол кај возачите на локомотивата и возилото. Дејствијата на јавното обвинителство ќе продолжат со цел да се расчисти причината која довела до железничката несреќа, соопшти Обвинителство.