Околу 650 метри кубни смет ќе бидат собрани деновиве од дивата депонија во близина на армискиот полигон Криволак, информираа денеска од локалната самоуправа Неготино. Активностите за расчистување се дел од програмата за заштита на животната средина.
„Изведувач на работите е фирмата Ас машини чии работници предвидено е сметот и шутот од околу 650 метри кубни од дивата депонија да го кренат и да го дислоцираат на градската депонија „Бучето“ во близина на село Дуброво. Средствата за расчистување на дивата депонија се обезбедени од Буџетот на општина Неготино“ вели Методи Митрев, портпарол на општината.
Од локалната самоуправа апелираат до месното население од Криволак, но и до сите граѓани на општина Неготино, сметот и шутот да го исфрлаат само на градската депонија. Комуналните редари секојдневно се присутни на терен и секој што ќе биде регистриран да фрла смет и шут на несоодветни места за тоа, ќе биде казнет согласно законските прописи, велат од општината.
Ангел Данов