Не гасете ги светлите ѕвезди кон кои се стремиме – оваа порака попладнево премиерот, Зоран Заев ја адресираше до европските лидери. Тој и еврокомесарот, Јоханес Хан се обратија на заедничка прес конференција во Брисел, каде Заев отпатува во обид да го промени ставот во врска со проширувњето и давањето датум за преговори за нашата земја. Претходно, тој изјави дека не исклучува пад на Владата доколку не добиеме датум за преговори утре или задутре, па новинарите го прашаа дали со тоа испраќа порака за оставка или за предвремени парламентарни избори:
„Во такви околности секако одговорност ќе треба да се преземе и јас го кажувам тоа што го чувствувам. Јас сум тој што разговараше со пратениците убедувајќи ги дека е вредно дури да го смениме нашето уставно име и нашиот Устав за нашата иднина во европското семејство. Не очекуваме веднаш да станеме членка, тоа е процес и патување во кое мора да се трансформираме и ние и Европската унија, но за да се одржи мотивацијата верувам дека лидерите ќе смогнат сили и ќе донесат одлука. Десет позитивни препораки имаме досега, петнаесет години сме земја кандидат и верувам дека навистина ќе успееме. Секако, најавив тоа што може да се случи, ама не би сакал да зборувам во детали зашто многу верувам во позитивната одлука на Европскиот совет“.
„Секое одложување ќе биде прочитано како негативна одлука и ќе има многу негативни ефекти, високо ниво на разочарување кај граѓаните и кај членовите на парламентот кои го поддржаа спроведувањето на Договорот од Преспа, што е поврзано со отворањето на поглавјата на ЕУ“, додаде Заев.
Еврокомесарот Хан истакна дека луѓето во Македонија заслужуваат подобар живот и да не мора да ја напуштаат земјата во потрага по подобар живот.
„Ние како европјани треба да ги признаеме сите овие напори. Се работи за јасен сигнал за заложба за европските перспективи на земјите како Северна Македонија и Албанија. Ова се очекува после сите мерки кои се преземени од двете земји. Има многу говори дека Европа треба да има улога на светско ниво, но ако не може тоа да го направиме во нашиот двор ќе изгубиме кредибилитет тоа да го правиме надвор. Можам да побарам од нашите идери да дадат зелено светло за процесот и се согласуваме со премиерот дека треба да работите на понатамошно брифирање на нашите методологии“.
Деенска истовремено на средби со челниците во ЕУ е и поранешниот грчки премиер, Алексис Ципрас, кој како што е најавено, се среќава со претседателот Жан Клод Јункер.