На прес конференција во Владата, денеска заменик министерот за здравство од редовите на ДУИ, Асим Муса обвини за местенка, откако беше објавено видео според кое тој зема мито, односно аванс од педесет евра за оперативен зафат којшто треба да го изврши. Муса најави дека поднесува оставка до расчистување на случајот. Тој само го прочита напишаното прво на мајчинот албански јазик, потоа на македонски јазик и си замина и покрај повиците од новинарите.
„Секој мој пациент јасно знае дека ова е намерна стапица, со цел да и се наштети на мојата професионална фигура. Нема да дозволам овие 23 години инвестиции во професионалноста да бидат нарушени со ваква намерна стапица, со лажни бомбастични наслови кои не се реални, како што може да се види од самата снимка. Во својство на заменик министер за здравство имав посебна чест да им служам на граѓаните на Република Северна Македонија и оваа работа ја вршев со кредибилност. Убеден сум во мојата правда и во моите професионални, фамилијарни и етички вредности“,изјави денеска Муса.
Оставката следува откако истражувачката емисија „Фикс фаре“ на телевизијата „Топ ченел“ од Албанија вчера објави снимки на кои може да се забележи како Муса прима мито.
На видеото се гледа како новинарот, во улога на пациент се состанува со Муса, за да договорат операција. По состанокот на новинарот-пациент со лекарот во Институтот за нефрологија во Струга го одредуваат денот на операцијата, а потоа Муса прифаќа аванс од 50 евра за зафатот кој треба да го изврши.