ИЗЈ: Регистриран сомнителен случај на мали сипаници – ММС
ММС

Објавено на: 10/15/19 8:52 AM

ИЗЈ: Регистриран сомнителен случај на мали сипаници

Сомнителен случај за мали сипаници е регистриран изминатата недела. За време на инкубација лицето престојувало во странство и припаѓа на возрасната група од 20 до 29 години. Во тек се лабораториски испитувања. Заклучно со денеска вкупниот број регистрирани случаи на мали сипаници во државава изнесува 1.900, со стапка на заболување од 91,8 на 100.000 жители. Се уште е во тек епидемија на мали сипаници на територијата на цела држава, стои во извештајот што на својата веб страница го објави Институтот за јавно здравје.

Според место на постојано живеење, случаи на мали сипаници се регистрирани во 24 градови. Најголем број се регистрирани во Скопје – 997, а највисока инциденца се регистрира во Струга – 165,1 на 100.000 жители. Возраста на заболените се движи од еден месец до 63 години. Најголем број заболени се на возраст над 30 години – 852 (44,9 отсто), а највисока инциденца од 1.399,1 на 100.000 жители се регистрира кај децата на возраст под една година.

Според вакциналниот статус, 1.529 (80,5 отсто) од заболените се невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Според резултатите од примероците испратени во референтната лабораторија за мали сипаници во Луксембург, циркулира генотипот B3 Dublin кој циркулира и во соседните држави.

Во 40-та недела во државата вакцинирани се вкупно 1.580 деца (предучилишна и училишна возраст). Вкупниот број вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата во целата држава изнесува 41.013 (во вкупниот број на вакцинирани се вклучени пропуштените и редовно вакцинираните деца со МРП вакцина). Од почетокот на епидемијата досега, во центрите за јавно здравје, дополнително се аплицирани 6.288 дози на вакцина, од нив повеќе од 60 отсто се здравствени работници, студенти и ученици во средните медицински училишта, а останатите се лица на возраст од над 14 години.