Министерот за надворешни работи Никола Димитров од утре до 17 октомври ќе престојува во работна посета на Брисел кога се очекува Советот на ЕУ и Европскиот Совет да донесат одлука за датум за почеток на пристапните преговори на нашата земја со ЕУ.
Како што соопшти МНР, во рамки на посетата шефот на дипломатијата ќе размени мислења со членовите на Комитетот за надворешна политика на Европскиот Парламент. Ова ќе биде прво обраќање на Димитров пред новиот состав на овој Комитет, по европските избори одржани во мај 2019 година.
-Министерот ќе ја искористи можноста пред европските пратеници уште еднаш да ги претстави постигнувањата на Северна Македонија и важноста од носење на одлуката за почеток на пристапните преговори со Европската Унија на претстојните состаноци на Советот на ЕУ и Европскиот Совет. Ќе се заблагодари за континуираната поддршка на ЕП на европската перспектива на земјата и ќе изрази очекување дека таа ќе продолжи и ќе се зајакне со актуелниот состав на Парламентот, стои во соопштението.
Министерот Димитров за време на посетата ќе оствари и поединечни средби со пратениците од Европскиот Парламент. Во оваа клучна недела во која се очекува Советот да ја донесе одлуката за почеток на пристапните преговори, Димитров ќе се сретне и со дел од министрите кои ќе учествуваат на Советот за општи работи закажан за 15 октомври.