Претседателски избори во Тунис – ММС
ММС

Објавено на: 10/13/19 10:34 AM

Претседателски избори во Тунис

Седум милиони избирачи денеска ќе излезат на избирачките места, по третпат во еден месец, со цел да го дадат својот глас за идниот претседател на Тунис.

Смртта на претседателот Беџи Каид Есебеси во јули го забрза одржувањето на изборите.

Во првиот круг, одржан на 15 септември, неуспех доживеаја сите досегашни високи функционери, а во прв план изби експертот за уставно право Каис Сејед (61), кој освои 18,4 отсто од гласовите, претежно од помладата популација.

Главен ривал му е медиумскиот магнат Набил Каруи (56), кој кампањата ја водеше со фокус на најсиромашните, а во првиот круг освои 15,6 отсто од гласовите. Владата од јуни се обидуваше да ја усвои спорната измена во изборниот закон со цел да му се оневозможи на Каруи да учествува во претседателската трка. Каруи беше истражуван за даночна измама и перење пари од 2017 година, а на 23 август заврши во затвор. Датумот и околностите на апсењето ги зајакнааа тврдењата дека политиката го инструментализирала правосудството.

Со цел да биде фер кон Каруи, кој од затвор не можеше да ја води кампањата, Сејед одреден период се повлече од терен и всушност кампањата траеше само два дена – во четврток и петок, а вчера беше предизборен молк.

– Овие претседателски избори се лоша сапуница, оцени Каруи по пуштањето од затвор, изразувајќи жалење дека не биле одложени – како што побарал.

– Денес се нуди избор меѓу „мафијаш“ и „непознаница“, изјави тој, зборувајќи за себе и Сејед. Иако е на слобода, Каруи и натаму е предмет на кривичен прогон.

Сејед ретко се појавуваше во јавност, а во двете телевизиски интервјуа порача дека на младите Тунижани е да состават своја програма и да се потпрат на законот за да ја заживеат транзицијата започната во 2011 година, со заминувањето на Бен Али. Неговите пораки за „народна сувереност“, борба против корупција и децентрализација освоија голем дел од младите. Тој заговара конзервативни ставови, но не сака да го инструментализира исламот во политички цели. Сејед се противи на еднаквоста меѓу мажите и жените кога станува збор за наследувањето, како и легализација на хомосексуалноста, но е против притворање луѓе поради нивната сексуална оријентација.

Изборите се одвиваат среде преговорите за составување нова влада, една недела по изборите на кои победи исламистичката партија Енахда. Сепак, со освоени 52 места од вкупно 217 во парламентот ниту Енахада нема мнозинство.