Заев: Ќе се реинвестираат парите од продажбата на плацевите во индустриската зона „Новини“ – ММС
ММС

Објавено на: 10/12/19 12:18 PM

Заев: Ќе се реинвестираат парите од продажбата на плацевите во индустриската зона „Новини“

Парите од парцелите кои ќе се продаваат во индустриската зона „Новини“ ќе се реинвестирааат. Цените за 51 парцела се различни  во зависност од близината на автопатот и се движат од 61 до 800 денари за метар квадратен, порача денеска премиерот Зоран Заев на средбата со бизнис заедницата од Куманово во индустриската зона во изградба лоцирана во кумановското село Речица во близина на автопатот Куманово – Табановце.

На средбата бизнисмените кои се заинтересирани да отворат капацитети во зоната се информираа за можностите кои ги нуди зоната и побараа поедноствување на процедурите и гасификација на зоната. Тие воедно побараа од директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска во Куманово да има Дирекција на УЈП.

Премиерот Заев им одговори дека има пари во претпријатието и може да се размисли за гасификација, а Лукаревска рече дека е потребна реорагнизација за реализација нанивното барање, но додаде дека е вредно за размислување.

Премиерот Зоран Заев, заедно со кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и директорката на УЈП Сања Лукаревска денеска извршија увид во градежните активности кои се спроведуваат во зоната и оставрија средба со бизнис заедницата од Куманово. Владата кон крајот на минатата година одвои 20 милиони денари за нејзинот инфраструктурно уредување.

Во средината на летово, средствата што Владата и ги префрли на општината за инфраструктурно уредување на зоната, Општината Куманово ги искористи за избор на компанија изведувач на градежните активности. На тендерот со проценета вредност од 20 милиони денари се пријавија пет компании, а беше избрана  кумановската компанија „Кооп Инжинеринг“ која го доби тендерот за 17,1 милион денари со вклучен ДДВ. Заштедените средства, информираше тогаш, кумановскиот градоначалник, ќе се реинвестираат во изградба на зоната. Во моментов во зоната интензивно се одвиваат градежни активности.

Зоната  се наоѓа во близина на автопатот Табановце – Куманово и зафаќа површина од 60-тина хектари. Индустриската зона се наоѓа на атрактивна локација,  до автопатот E-75 „Пријателство“, на пет километри до границата со Србија. Зоната има 51 градежна парцела со различна големина, урбанистички е уредена за лесна и незагадувачка индустрија, трговски единици, сместувачки капацитети, сервиси и стоваришта.