Отворена контролната соба во градот на смртта: Туристите отсега може да влезат во срцето на чернобилската катастрофа – ММС
ММС

Објавено на: 10/10/19 2:37 PM

Отворена контролната соба во градот на смртта: Туристите отсега може да влезат во срцето на чернобилската катастрофа

Нуклеарната електрана во Чернобил во последната година бележи огромен пораст на туристи како дел од глобалниот интерес за „темниот туризам“. Отсега оние со поголема храброст ќе имаат можност да влезат во контролната соба во која започнала најкатастрофалната нуклеарна несреќа во светот.

Оние кои ќе го посетат високо радиоактивното подрачје во најозборуваниот реактор 4, ќе бидат осигурани со бели заштитни костуми, кацига и маска за кратка посета. По излегувањето од контролната соба ќе бидат подложени на мерење на изложувањето на радиација, пренесува CNN.

Овој чекор е дел од вадиниот напор за подигање на туризмот на тоа подрачје, откако претседателот Владимир Зеленски потпишал јулски декрет со кој Чернобил е официјално прогласен за туристичка атракција.

„Мораме на оваа територија од Украина да и дадеме нов живот. Досега Чернобил беше негативен дел од украинскиот имиџ, а времето тоа го промени“, изјавил тогаш Зеленски.

Промената ќе вклучува развој на нови туристички рути вклучувајќи ги и водните патишта, градење на нови контролни точки, како и обнова и доградување на веќе постоечките. Зеленски тоа го најавил при отворањето на новата метална купола во Чернобил што го покрива уништениот реактор со цел да се спречи ширење на радиоактивниот материјал.

ЗАШТИТАТА НА РЕАКТОРОТ МОЖЕ ДА ИЗДРЖИ ТОРНАДО

Конатрукцијата е тешка 36 илјади тона и висока 108 метри, а чинела 1,7 милијарди долари, а финансирана е од средства на Европската банка за обнова и развој која помага на 45 земји. Структурата е доволно силна да издржи торнадо и изградена е да трае цел век.

Чернобил беше во центарот на зоната за исклучување од 1.000 квадратни километри, по катастрофата во 1986 година, но веќе дел од тоа подрачје е отворено за туристи од 2011 година.