Обвинителен акт за три лица во предметот „Рекет“, Јанева освен мебел зела и 50.000 евра – ММС
ММС

Објавено на: 10/10/19 11:49 AM

Обвинителен акт за три лица во предметот „Рекет“, Јанева освен мебел зела и 50.000 евра

По сеопфатна истражна постапка, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска до Основниот кривичен суд поднесе Обвинителен акт против три лица, македонски државјани. Две од обвинетите лица се теретат дека сториле кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“ предвидено и казниво по член 359 став 7 во врска со став 3 во врска со став 2 во врска со член 22, a на првообвинетиот му се става на товар и кривично дело „Перење пари и други приноси од казниво дело “ по член 273 став 1 од Кривичниот законик. Второобвинетото лице се терети дека сторило кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“ – казниво по член 353 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
,,Имено, првообвинетиот во периодот од месец ноември минатата година до месец април годинава, искористувајќи го своето претпоставено влијание врз второобвинетото лице – јавен обвинител, влијаел да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши. Тој, искористувајќи ги претходно воспоставените пријателски односи влијаел врз второобвинетата, при спроведувањето на истражна постапка во предметот со работен наслов „Империја“, да ја олесни положбата на сведокот кој во предметот е еден од осомничените и на кого по предлог на јавниот обвинител му било определена мерка притвор. Третообвинетиот битно придонел за извршувањето на кривичното дело со договарање на континуирани средби на првообвинетиот со сопругата на сведокот, а подоцна и со сведокот, притоа уверувајќи ги во неговото влијание врз јавниот обвинител.
Второобвинетата го прифатила влијанието на првообвинетиот и како службено лице – јавен обвинител, ја искористила својата службена положба и овластување и ги пречекорила границите на своето овластување. Откако првообвинетиот заедно со третообвинетиот ги добил договорените 500.000 евра од сопругата на сведокот и покрај тоа што постоеле неизменети околности врз кои била определена и продолжена мерката притвор, второобвинетата до Апелациониот суд – Скопје доставила предлог за определување на поблага мерка – куќен притвор, кој предлог бил прифатен од страна на судот. Воедно, согласно договорот, по исплатата на првите 1.000.000 евра, второобвинетата доставила писмена согласност до судот одземената патна исправа привремено да му биде вратена на сведокот.“, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Со преземените службени дејствија второобвинетата ја искористила и ја пречекорила својата службена положба и овластување и за себе прибавила имотна корист во значителен износ и тоа во предмети – мебел во износ од 296.040,00 денари и пари во износ од 50.000 евра, а за противзаконито влијание другите двајца обвинети примиле награда од 1.500.000 евра. Првообвинетиот иако невработен, со блокирани трансакциски сметки и без приход, на почетокот на оваа година купувал за себе луксузен мебел, облека и обувки и престојувал во луксузни летувалишта – ресорти надвор од нашата земја што упатува дека ги пуштил во оптек паричните средства што ги прибавил со кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“.
Ценејќи дека се исполнети условите предвидени во Законот за кривична постапка, со Обвинителниот акт, до Основниот кривичен суд – Скопје е доставен и Предлог за продолжување на изречените мерки за обвинетите.