360 степени:Парите од „Рекет“ биле најдени пуштени во промет – ММС
ММС

Објавено на: 10/9/19 9:44 PM

360 степени:Парите од „Рекет“ биле најдени пуштени во промет

Обвинителката Вилма Русковска утре ќе поднесе обвинение за случајот „Рекет“ и ќе побара продолжување на мерката притвор за Боки 13, Катица Јанева и Зоран Милески – Кичеец. Таа вели дека остануваат истите квалификации за осомничените. Русковска потврди дека кај некој од осомничените имало интерес за склучување спогодба, но не сакаше да обелодени за кого станува збор.

„Вештачењата кои беа направени последни донесоа важни докази. Имаше интерес кај некои од осомничените за спогодба, не се поднесе официјално барање, но побараа спогодба. Ќе видиме што ќе биде. ..Парите биле пуштени во промет затоа ќе има обвинение за перење пари“,

изјави Русковска вечерва пред Кривичниот суд.

Обвинителката денеска отвори и нова истрага против Меѓународниот сојуз како правно лице, но и против пет лица, меѓу кои и Бојан Јовановски (Боки 13), кој е претседател на Сојузот, пратеничката од СДСМ, Фросина Ременски, која е почесна претседателка на невладината на Боки 13, потпретседателката на невладината, Јасна Мандиќ и уште две лица.

„Донесовме наредба за истрага, само за оние лица за кои сметаме дека постои основано сомнение за сторени кривични дела, а понатаму каде ќе не однесе истрага не може да се знае однапред“,

кажа Русковска.

Издаден е налог за претрес во домовите на тројца осомничени. За новата истрага немало посебни истражни мерки.

Вечерва судија на претходна постапка делумно не го прифати предлогот на Обвинителството за одредување притвор за осомничената Јасна Мандиќ и за неа одреди мерка на претпазливост, куќен притвот.

Утре на распит треба да се појават и останатите осомничени. За татко му на Боки 13, за Ременски и асистентката на Мандиќ, Русковска кажа дека нема информации оти се избегани од државава.

За Ременски и останатите осомничени, Обвинителството предлага мерки на претпазливост и тоа: одземање на патна исправа, забрана за напуштање на престојувалиште и јавување еднаш неделно во судот. Обвинителството ја товари Ременски дека со присуство на средбите што Боки 13 ги организирал со управители на градежни фирми, а на кои се барале пари за проекти за изградба на старечки домови, го искористила својот углед и авторит и оштетените стекнале впечаток дека зад понудените проекти стои извршната власт.

Боки 13 веќе е во притвор за „Рекет“. Со новата истрага, во која тој повторно е првоосомничен, се гони за кривичните дела измама и перење пари. Тројца се сомничат дека помагале при извршување на кривичното дело перење пари, а останатите, вклучително и невладината на Боки 13 за измама.

Извор:360 степени