За два до три месеци ќе треба да започне ископот и транспортот на 1,8 милиони тони троска од топилничарската депонија во Велес – ММС
ММС

Објавено на: 10/9/19 6:24 PM

За два до три месеци ќе треба да започне ископот и транспортот на 1,8 милиони тони троска од топилничарската депонија во Велес

Толку време е потребно за поставување на затворена инсталација што ќе ја црпи оловно – цинковата троска од депонијата. Ископаната троска ќе се товара во камиони и носи низ градските улици до семафорите па преку населбата Шорка и по автопатот „Пријателство”.  Концесионерот, белградски „ КЕПС МОНТ груп”  соопшти дека ќе спроведе ископ и транспорт со максимална заштита од дополнително загадување на Велес, на Велешани и попатно се до солунското пристаниште каде троската ќе се утовара за Малезија.

– Транспортот исклучиво ќе се врши со камиони од видот Кесон, тоа се метални кади, покриени кои ги задоволуваат европските стандарди за заштита на животната средина. И третманот на техногено минералната суровина ќе биде еколошки.  Ако при ископот се појави прашина повеќе од максимално дозволените концентрации  тогаш ќе користиме водена завеса. Експлоатацијата ќе ја вршиме постепено рударски,рече Ранко Шчекиќ од фирмата концесионер „КЕПС Монт”од Белград.

По добиената Б интегрираната еколошка дозвола концесионерот направи план. Експлоатацијата на троската ќе ја вршат вкупно 100 камиони, секој час по два или за 24 часа 48 камиони секојдневно во наредните 4 до 5 години. Љупчо Аврамовски од консултантската фирма „Енвиро ресурси” рече дека внимателно ќе се работи, етаж по етаж од по 2 метри, од површината кон подножјето на ридот, за по секој ископ да се прска со вода и да се конзервира.

–  Ќе се мерат ПМ честичките и на оловото во 4 сезони во 14 дена. Ако мерењата покажат повисоки концентрации на ПМ 10 честички ќе се застане со работа на експлоатацијата.

 Македонски фирми ќе бидат ангажирани за транспортот на троската и на ископот првично ќе се вработат 20 со можност за уште нови 20 вработувања како што ќе се зголемува обемот на работа, рекоа од „Кепс монд”. Сепак концесионерот не пропушти да каже дека депонијата е доведена во многу лоша состојба, со огромни количини на шут па дури и со угинати животни што дополнително им го оптоварува работниот процес.

Убавка Јаневска