Ангеловска: Бизнисмените ќе можат онлајн да ни испраќаат предлог-иницијативи – ММС
ММС

Објавено на: 10/8/19 1:32 PM

Ангеловска: Бизнисмените ќе можат онлајн да ни испраќаат предлог-иницијативи

Бизнисмените ќе можат директно во Министерството за финансии да ги поднесуваат иницијативите за промена на регулативата. Со цел компаниите да функционираат во праведен даночен систем, Министерството за финансии ќе работи на намалување на сивата економија, каде што една од мерките ќе биде внесувањето на нерегистрираните субјекти во системот. Министерката за финансии Нина Ангеловска на првата средба со бизнис секторот во Стопанската комора на Македонија порача дека тој ќе биде вклучен во креирањето на политиките. 

-Како некој кој доаѓа од бизнис секторот знам колку е важно фирмите да бидат вклучени во донесувањето на одлуките. Ќе воспоставиме онлајн форма за поднесување на предлог иницијативи од коморите и од приватниот сектор до Министерството за финансии за оние работи кои се наша надлежност и на кои можеме да влијаеме. Има пропишана предлог форма, бидејќи иницијатива само како желба не е доволна за да ја разгледаме и да можеме да делуваме- изјави министерката Ангеловска.

Во формуларот, освен предлог – иницијативата, ќе се внесе и на кои сектори ќе влијае, која е компаративната анализа и како е решено во други земји, што ќе значи за бизнисот а што од фискален аспект.

Ангеловска посочи дека има огромен неискористен потенцијал за воведување на технологиите онаму каде може да се применат, за да се намалат административните процедури и да се овозможи нејзино побрзо функционирање.

-Ете со таков ентузијазам влегувам во Министерството за финансии, брзината што ја носи реалниот сектор да ја имплементирам и во администрацијата- укажа Ангеловска.

Во делот на сивата економија, фокусот, како што кажа министерката, ќе биде да се внесат во системот оние кои што вршат нерегистрирана дејност. 

-Кога зборуваме за сива економија треба да знаеме дека и на граѓаните и на бизнисот им треба да се чувствуваат дека функционираат во еден праведен даночен систем, каде што гледаат дека сите си ги плаќаат давачките. Не можеме да сакаме граѓаните и бизнисите кога ќе се зголемат даноците или ќе се воведе нешто ново, да го дочекаат тоа со раширени раце, ако гледаат дека некој друг не ги плаќа давачките- изјави Ангеловска.

Министерството за финансии ќе се насочи кон внесување во системот оние кои што не ги плаќаат давачките. Ангеловска нагласи дека сивата економија не треба да се ограничува само на пазарот на труд, туку дека ја има во сите сфери на бизнис делувањето и затоа е неопходен поширок опфат на мерки за справување со неа.