НАТО Караванот кој го организира Инфоцентарот за евроатлантски интеграции при граѓанската асоцијација МОСТ, утре патува во Штип. Целта на Караванот е на граѓаните да им се приближат придобивките од евроатлантските интеграции, а во неговите рамки се предвидени три типа настани.
„Едните настани се наменети за средношколците. Ќе има работилници преку кои матурантите ќе може да дознаат повеќе за НАТО. Потоа има предавања на самите факултети во градовите во кои доаѓаме и таму ќе предаваат гости, со што на студентите ќе им се приближи начинот на пристапување на НАТО, а во вечерните часови ќе има дебати со граѓани. Во Штип дебатата ќе почне утре во 19 часот и ќе говорат министерот Никола Димитров и амбасадорката Рејчел Галовеј. Идејата е граѓаните да дознаат повеќе за евроатланските интеграции и што нашата држава може да придонесе за исполнување на целите и мисијата на НАТО. Дискусијата ќе се одржи во свечената сала на Правниот факултет“, вели Теодора Поп Трајков од МОСТ.
Претходно ваквиот Караван се одржа во Велес.