Проблемите, аномалиите, корупцијата и иднината на македонското високо образование беа тема во денешната емисија „Стадион“ на „Канал 77“. Гостин во студиото беше штотуку пензионираниот професор по социологија на УКИМ, Илија Ацески.
– Самиот систем како да не’ направи корумпирани, да се однесуваме на неодговорен начин. Дали држиме или не држиме часови, дали продаваме учебници или не продаваме, дали истражуваме или не, дали правиме трудови… Кога почна процесот на формирање приватни факултети, помислив дека тој момент УКИМ ќе го искористи во смисла да го подобри квалитетот и на тој начин да придобива студенти. Но, ние тргнавме во обратна насока. Ако приватните почнаа да го уриваат квалитетот, ние во тоа помагавме. Требаат сериозни зафати за напластените проблеми да почне да се решаваат – рече Ацески.
Телефонски во „Стадион“ гостуваше Борјан Ефтимов, од студентската организација на Правниот факултет на УКИМ.
– Го поддржувам отпорот против корупцијата во образованието. Не мора тоа да биде само директната корупција. И тоа што универзитетите се „тепаат“ за нови студенти со снижување на квалитетот за побрзо доаѓање до дилома е на некој начин корупција. Ниту гледаме инвестиции во образованието ниту желба за некаква реформа, иако велат дека тоа тоне. Истражувањата покажуваат дека македонскиот ученик заостанува зад тие од другите земји, а две третини од студентите, поради состојбите, иднината си ја гледаат во странство – истакна Ефтимов.
Во „Стадион“ телефонски се вклучија и професорот и поранешен ректор на УКИМ, Велимир Стојковски, кој полемизираше со Ацески и негираше дека му запленил книга, и професорот Бранимир Јовановиќ, кој е дел од едно актуелно истражување за состојбите во образованието.
– Средствата што се вложуваат во образованието во Македонија се едни од најниските во Европа. Како процент, тоа е 3,5 отсто од БДП, а понизок процент издвојуваат само три европски земји. За жал, и тие недоволни средства од повеќе причини целосно не се коритат. Се реализираат 90, а нереализирани остануваат десет отсто. Тоа не се воопшто мали пари. Во последните две години се доделуваат околу 400 милиони евра за образование, а тоа значи дека 40 милиони остануваат неискористени. Со тие пари би можеле да се изградат студентски домови, речиси сите училишта во државата да се обноват… – рече Јовановиќ.