Двајца Хрвати отишле на риболов и заспале – завршиле во Италија – ММС
ММС

Објавено на: 10/4/19 7:38 PM

Двајца Хрвати отишле на риболов и заспале – завршиле во Италија

Двајцата Хрвати тргнале од Мали Лошињ да ловат риба, го вклучиле автопилотот и заспале. Завршиле во Италија како бродоломци и сега полицијата ги истражува дали навистина се рибари или пак се занимаваат со сомнителни работи.

„Го отворав моето кафуле во седум часот наутро па видов двајца мажи како излегуваат од морето. Рекоа дека преживеале потонување на брод“ – раскажува Италијанецот Андреа Ди Маџо.

Ди Маџо сакал да им помогне на двајцата мажи, но тоа било тешко поради тоа што тие не зборувале ни италијански ни англиски.


„Сфатив дека се Хрвати и дека сакаат да повикам полиција. Ги прашав дали има уште некој со нив во морето, па некако ми објаснија дека се сами. Ги разбрав и дека отпловиле со рибарски брод кој потонал“ – раскажува Ди Маџо.
Италијанските медиуми велат дека двајцата Хрвати од кои едниот има 29, а другиот 30 години, пливале полни три часа до крајбрежјето. Бродот им потонал на околу еден километар од крајбрежјето, удрил во карпа додека тие спиеле.

tocka.com.mk