Кривичниот суд денеска донесе ослободнителна пресуда за поголемиот дел од обвинетите во случајот „Ровер“, односно судот одлучи дека Љубе Бошкоски, Зоран Трајковски, Сашко Јовановски, Ивица Ристиќ, Гоце Митревски и Никола Негриевски не се виновни за убиството на Маријан Тушевски и Киро Јанев во 2001 година.
Осудителна пресуда сепак добија тројца обвинети српски државјани, Предраг Чубрило, Милан Илиќ и Милорад Ковачевиќ, кои беа осудени на доживотен затвор. Ослободителна пресуда доби четвртиот српски државјанин Вук Вукичевиќ.
-Фактичката состојба е утврдена. Во 2001 имало тепачки меѓу Маријан Тушевски и Орце Коруновски, по што Коруновски ангажирал странски државјани за да го ликвидираат Тушевски, рече судијата Илија Танев.
Овој случај седум години се влечеше низ судските лавиринти. Досега беа донесени две првостепени пресуди, но Апелациониот суд ги укина, по што во октомври 2015 година судењето почна по трет пат.
Според втората првостепената пресуда, која подоцна беше укината, за убиството на Маријан Тушевски и Киро Јанев, од 2001 година, обвиентите Предраг Чубрило, Милан Илиќ и Милорад Ковачевиќ добија казна доживотен затвор, Вук Вукичевиќ беше осуден на 15 години затвор, бидејќи беа обвинети за директни извршители на убиството.
Бошкоски доби казна затвор од 10 години и шест месеци, првиот човек на обезбедувањето на Бошкоски, инспекторот Зоран Трајковски доби осум години и шест месеци, по седум добија Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ, а по пет години и шест месеци Гоце Митревски и Никола Негриевски.
Бошкоски, како тогашен министер за внатрешни работи, и останатите вработени во МВР, се товареа дека им овозможиле на убијците да избегаат. Тие речиси три години поминаа во притвор.
На изрекувањето на пресудата во судница не беше обвинителката Лидија Раичевиќ. Таа сега може да ја обжали првостепената пресуда пред Апелација.
фокус.мк