И покрај ургенциите од Косово нема одговор за Демири и Исмаиловиќ тврди Министерството за правда – ММС
ММС

Објавено на: 10/4/19 11:13 AM

И покрај ургенциите од Косово нема одговор за Демири и Исмаиловиќ тврди Министерството за правда

Министерката за правда Рената Дескоска најави дека  ќе се сретне со семејствата на жртвите во случајот „Монструм“ и детално ќе ги информира околу преземените дејствија за екстрадиција на лицата од Косово.

Откако обвинителката Фатиме Фетаи јавно во судница побара информации за бавниот тек на постапката  за екстрадиција на двете осомничени лица во случајот „Монструм“,  Демири и  Исмаиловиќ, Министерството за правда одговори со соопштение.

-Во постапката за екстрадиција на г. Демири и г. Исмаиловиќ, Министерството за правда ги прави сите напори двајцата бегалци од правдата да ги донесе во Република Северна Македонија, притоа користејќи ги сите законски можности, но и билателарниот договор со Косово.Првото барање за екстрадиција на лицата е испратено во март 2013 година. На 22 јануари 2016 година, Апелациониот суд на Република Косово го одбива првото барање за екстрадиција.Откако беше комплетиран предметот повторно, од страна на министерката Дескоска беше испратено новото барање за екстрадиција, кое Министерството за правда на Косово го имаат примено на 05 септември 2018 година. Во новото барање детално се задржавме на сите точки кои беа истакнати во претходно одбиено барање за екстрадиција. Од поднесувањето на барањето за екстрадиција – до денес Министерството за правда на Република Северна Македонија нема добиено никаков одговор од  Министерството за правда на Косово.На располагање на Министерството за правда на Република Северна Македонија му преостанува единствено да испраќа ургенции и да бара од надлежните косовски власти да се произнесат.Вакви ургенции имаме пратено во два наврати, и тоа на 26 февруари 2019 година, а последната ургенција е испратена на 3 јули оваа година, соопшти Министерството за правда.