На Реџепи му се одбројува рокот до 11.30 часот – ММС
ММС

Објавено на: 10/4/19 9:34 AM

На Реџепи му се одбројува рокот до 11.30 часот

Скендер Бузаку тврди  дека има докази оти поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи ги злоупотреби парите на верниците. Тој му даде рок на Реџепи денеска до 11.30 минути да се повлече, во спротивно ќе ги објави доказите во јавноста, а ќе ги достави и до Обвинителството. Од друга страна, Реџепи, кој е во седиштетото на ИВЗ под заштита на обезбебедувањето, на ова вчера кратко изјави:„Не се занимавам со геј. Гејовите треба да се надвор од ИВЗ“. Бузаку тврди дека е легитимно избран поглавар и дека Реџепи треба да го ослободи седиштето на ИВЗ. Соработникот на Реџепи, Муарем Вејсели, се обрати во име на ИВЗ и порача дека се тие луѓе кои сносат одговорност, а не луѓе од улица.

– Институциите се тука и ние сме тука, сè што има некој против некого за криминал треба да пријави во полицијата и во обвинителството. Ние сме тука за сè што сме работеле и за сè што ќе работиме“, изјави Вејсели.

Бузаку во изјава за „Независен весник“ одговара дека не е првпат од поглаварот на ИВЗ да слушне навредливи изјави, поради што не сакаше да ги коментира, објаснувајќи оти верските старешини треба да шират љубов, толеранција и почит, а не нетрпеливост, омраза и пцости.

-Го повикувам да ја напушти ИВЗ од морални причини, затоа што објавата на документите што ги поседувам ќе биде лоша за него, но и за целокупната верска заедница и за нас како нови генерации. Не е добро да видат верниците каде завршиле парите што ги донирале. Сепак, доколку продолжи да ја узурпира ИВЗ, тогаш ќе мора да ги објавиме овие скандали. Да сумирам, сите докази секако ќе ги предадеме во обвинителството, и тоа денеска во 11.30 часот. Разликата е што доколку се повлече ќе го поштедиме од срамот во јавноста. Во спротивно, сите ќе слушнат за неговите криминали. Поседувам докази за злоупотреба на финансиски средства преку позицијата што ја има, за злоупотреба на парите од таксата на верниците, како и за перење пари“, најавува Бузаку за „Независен“.

Во меѓувреме, вчерашната изјава на Реџепи, ги крена на нозе организациите за правата на ЛГБТИ заедницата и за заштита на човековите права. Изјавата ја осуди Мрежата за заштита од дискриминација и националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата .

-Го потсетуваме  Реџепи дека како поглавар на верска заедница, треба да знае дека секој, па и ЛГБТИ луѓето и другите категории луѓе што не му се допаѓаат на него, има право слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, да ја практикува својата вера соопштија од „Маргини“ .