Десетина дена катната гаража на Општина Центар, веднаш до Кривичниот суд, и деловниот објект во склоп на неа немаат струја и не работат. По дождовите минатата недела, вода од покривот прокиснала во собата за струја, при што сите инсталации се запалиле. Како што вели директорот на ЈП „Паркинзи Општина Центар“ (ПОЦ) Васко Кичевски, станува збор за голем дефект и најмалку уште 20 дена зградата ќе биде неупотреблива.„Причина за пожарот и овој голем дефект е лоша изведба на изведувачот АД ’Бетон’. При градењето, спојот меѓу делот од катната гаража и деловниот објект е лошо направен, па вода нон-стоп прокиснува, но овој пат дојде до голема штета. Се запалија сите инсталации. Работиме во супстандарди услови поради грешките на минатото раководство од ВМРО-ДПМНЕ, кои го градеа објектот“, изјавил за порталот СДК директорот Кичевски.
Кичевски вели дека првичните проценки се оти штатата е околу 20 илјади евра и најавува дека Општина Центар ќе поднесе тужба за изведувачот АД „Бетон“.