Жените во руралните средини треба да добијат целосна поддршка и залагање од нас за отворање можности за развој и подобрување на нивните животни услови во тие средини. Со поддршката ќе ги заштитиме нивните економски, социјални и културни интереси и на тој начин ќе се намали сиромаштијата и нивната социјална исклученост. Ова го истакнаа учесниците на јавната расправа на тема „Улогата на жените во руралните средини и нивните предизвици“, што ја организираше собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите.
Пратеничката од СДСМ, Татјана Прентовиќ рече дека жените во руралните средини спаѓаат во најсиромашната популација, бидејќи нивниот труд речиси е невидлив. Во нивните домаќинства најчесто приходите за семејството ги остварува мажот кој традиционално е сопственик на целиот имот што ги прави целосно зависни од машките членови на тоа семејство. Тие најчесто се невработени поради нискиот степен на образование, раното формирање семејство или заради грижата за сите членови на семејството – додаде пратеничката.
„ Родовата нееднаквост на жените во руралните средини е особено изразена во земјоделскиот сектор, кој учествува со околу 10 проценти од националниот бруто домашен производ. Мнозинството земјоделски работници се мажи. Жените во земјоделскиот сектор работат повеќе од мажите односно во просек 11,1 часови дневно, а мажите – 9,7 часови дневно. Речиси половина односно 42 проценти од вкупното работно време на жените не е платено. Ниското учество на жените во управувањето со фарми укажува на нивната ограничена вклученост во процесот на донесување одлуки“, рече Прентовиќ.
Според неа, постои законска регулатива која овозможува развој на жените во руралните средини, но во постоечките закони е потребна измена во делот на еднаков пристап до образование, во делот на здравствените особено гинеколошките услуги, во делот на дополнителни социјални мерки и нејзина финансиска поддршка.
– Потребна е изградба на патна инфраструктура, градинки, училишта и амбуланти кои ќе им го олеснат животот и ќе го поттикнат развојот на руралните средини, а особено на жените кои живеат во нив. Нашата земја во земјоделскиот сектор континуирано работи на законско зајакнување на жените во руралните средини преку главна законска рамка, тоа е Законот за земјоделство и рурален развој, преку стратешки документ, односно Националната стратегија за земјоделство и рурален развој, преку оперативни документи…, додаде Прентовиќ.
„Жените во руралните средини се најизложени на насилство во семејството. Затоа во наредниот период продолжуваат реформите кои ги прави Министерството за труд и социјална политика, особено во делот на услугите од областа на социјалната заштита кои најмногу ги тангираат жените во руралните средини од аспект на тоа што ќе им се овозможи подобро планирање на своето работно време со оглед на тоа што ќе се отворат детски градинки, домови за згрижување стари лица. На тој начин можноста тие да се вклучат во телата каде се носат одлуки на локално или централно ниво ќе биде подобрена“, посочи државната советничка во Министерството за труд и социјална политика, Елена Гроздановска.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски тврди дека креираат одредени мерки кои овозможуваат можности жените да остварат сопствен бизнис и да работат во средината во која живеат.
„Средствата кои можат да бидат рефундирани на нивните инвестиции каде се тие носители на активности на земјоделското стопанство се движи до 65 проценти и по националната и по ИПАРД програмата. Поради поголемиот поттик кога има рангирање во ИПАРД програмата жените дополнително се бодираат и се додаваат поени во мерките. При рангирање дополнителни 20 поени добиваат жените кога аплицираат по мерките за рурален развој. Согласно последните анализи, има пораст од седум проценти кај искористеноста на средства од страна на жените преку ИПАРД програмата“, додаде Бабовски.