ПССЕ вечерва ќе расправа за извештајот за постмониторинг дијалогот со Македонија – ММС
ММС

Објавено на: 10/2/19 3:07 PM

ПССЕ вечерва ќе расправа за извештајот за постмониторинг дијалогот со Македонија

Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) доцна вечерва ќе расправа за извештајот за постмониторинг дијалогот со Македонија, поточно за следењето на обврските на земјата како членка на Советот на Европа (од 1995 година) – јавува дописникот на Медиумската информативна агенција од Стразбур.

Во заклучоците на извештајот, Мониторинг комисијата на ПССЕ констатира дека „од последниот извештај за пост-мониторинг дијалогот со Македонија објавен во 2013 година, се случија важни промени. И покрај поларизацијата на општеството по етнички и политички линии во 2013 година, најголемите политички партии успеаја да ги надминат разликите и да постигнат консензус со тоа што се согласија за демократски пат содржан во Договорот од Пржино од 2015 и 2016 година. Договорот има за цел да опфати критични прашања поврзани со владеењето на правото, судството и борбата против корупцијата.

Посетите на известувачите на ПССЕ на Македонија, утврдија дека потпишувањето на Преспанскиот договор доведе до огромна надеж за зајакнување на евроатлантските интеграции – консензуална стратешка цел на земјата.

– Остануваме подеднакво уверени дека Канцеларијата на Специјалниот обвинител ќе продолжи да ги практикува и да води истраги за криминалот на високо ниво, во согласност со нејзиниот мандат, оценуваат известувачите.

Во извештајот на ПССЕ се вели дека општеството останува поларизирано и смета дека „раните од минатото мора да се надминат“.

– Ветуваните мерки за реформа на судскиот систем, зајакнување на слободата на медиумите, ревидирање на изборниот закон, реформа на разузнавачките служби и тајните служби или спречување и забрана на дискриминација, мора да бидат добро прифатени и поддржани. Тие исто така треба да придонесат за еднаквост на сите граѓани и да ги надминат политичките и етничките поделби..

Тука, особено се истакнуваат реформите во правосудството, кои ќе бидат од најголемо значење.

-Во контекст на силна недоверба на судскиот систем, реформите треба да ја зајакнат одговорноста, транспарентноста и независноста на судиите – и да ја вратат довербата. Остануваат да се преземат важни чекори, во што се вклучува и реформата на јавното обвинителство. Во овој контекст, неопходно е да се осигура дека Канцеларијата на Специјалниот обвинител, која одигра одлучувачка улога во решавањето на екстремно чувствителните случаи кои го нарушија функционирањето на државните и судските институции толку многу потребни за владеењето на правото, да може да работи во националната обвинителска служба без непотребно политичко мешање.

Во извештајот дел е посветен и на аферата „Рекет“. Притоа се вели дека ПССЕ „не е во состојба да суди за основаноста на случајот. Сепак, овој случај покажува дека никој не е над законот и мора да има право на фер судење. Сега е круцијално обвинителството и судството да постапуваат праведно и самостојно за да ја изведат правдата и да да го расчистат овој случај.

Како заклучок, ПССЕ го поздравува „конструктивниот став на властите и нивната соработка со Советот на Европа. Во текот на изминатите две години, многу важни закони беа донесени или ревидирани врз основа на препораките дадени од Венецијанската комисија, ГРЕКО и други тела за набљудување. Овој процес ќе биде долг и тежок. Треба да се промени менталитетот, за ефикасно спроведување на новите усвоените закони, потенцира Комисијата.

Постапката за пост-мониторинг е алатка за засилен дијалог со властите на Македонија и помага да се обезбеди реформите во согласност со стандардите на Советот на Европа да доведат до воспоставување на трајни и одговорни институции.

Затоа Комисијата му предлага на ПССЕ да го продолжи пост-мониторинг дијалогот со Македонија и да го оцени, во следниот извештај што треба да биде подготвен во 2022 година, постигнатиот напредок, особено во следните области:

-континуирана консолидација на одржливи и функционални демократски институции;

– независноста на судството, вклучително и јакнење на независноста и одговорноста на судиите и обвинителите. Собранието очекува дека реформата на обвинителството ќе се спроведе во согласност со стандардите на Советот на Европа и ќе обезбеди дека Специјалното обвинителство, кое одигра важна улога во постапувањето со многу чувствителните случаи, ќе може да работа во рамките на националната обвинителска служба без непотребно политичко мешање;

– борбата против корупцијата, во согласност со препораките дадени од Групата на држави против корупција (ГРЕКО), особено во врска со случаи на корупција на високо ниво и неселективно спроведување на законите и политиките;

– консолидација на изборната рамка, во согласност со препораките на Венецијанската комисија и извештаите на мисиите за набљудување на изборите од ПССЕ;

– извршување на инклузивни политики за гарантирање на правата на малцинствата, во духот на Охридскиот рамковен договор, особено за ромската заедница.

Советот на Европа е подготвен во секое време да обезбеди експертиза за да им помогне на македонските власти да ги почитуваат европските стандарди. Тој ќе продолжи да го поддржува овој транзициски период – што може да биде извор на инспирација за другите земји-членки на Советот на Европа – и аспирациите на граѓаните за европска интеграција.

Попладнево се очекуваат да бидат поднесени неколку амандмани на извештајот, за кој пратениците од 47-те земји членки ќе бидат повикани да дебатираат и да ја изгласаат предложената резолуција од страна на известувачите Лиз Кристоферсен и (Социјалист, Норвешка) и Александер Поциеј (ЕНП, Полска).