Шулц: ЕУ ќе го изгуби кредибилитетот ако месецов не даде датум за преговори – ММС
ММС

Објавено на: 10/1/19 10:39 AM

Шулц: ЕУ ќе го изгуби кредибилитетот ако месецов не даде датум за преговори

Европската Унија ќе го изгуби кредибилитетот ако месецов не даде датум за преговори – ова е ставот на поранешниот претседател на Европскиот парламент, Мартин Шулц.  Тој сепак вели дека ништо не може да се предвиди, бидејќи не се знае што ќе се случи. Сепак, се надева дека ставот на Германија и Франција ќе има позитивно влијание врз крајната одлука.

„Се надевам дека Советот ќе одлучи за почнување на преговорите како што беше ветено. Моето искуство по три децении работејќи во европските институции ми кажува дека ништо не може да предвидиме“,  изјави Шулц денеска на Самитот на „Економист“ во Скопје, каде тој, премиерот Зоран Заев и неговиот поранешен грчки колега, Алексис Ципрас дебатираа за следните чекори на Западен Балкан во евроинтегративниот процес.

Политичарите се осврнаа на Преспанскиот договор, оценувајќи го како пример за решавање на политичките проблеми. Додека земјава ја очекува одлуката на Европската унија за старт на преговорите, поранешниот премиер на Грција, Ципрас потсети дека оваа одлука беше одложена за октомври поради технички причини, кои како што смета тој, сепак биле тактички. Ја искритикува Унијата дека се’ уште не е политички подготвена за храбри чекори напред и според него, ова е тешкотија со која таа ќе се соочи во иднина:

„Верувам дека секој треба да знае дека не постои друга опција освен одлуката да се даде позитивен сигнал, не само за Северна Македонија, Албанија туку и за другите држави од регионот кои чекаат поттик да го изодат истиот пат“.

Премиерот Заев пак, изјави дека на Европа и’ требало време за да размисли, но додава дека сега ситуацијата е појасна и мора да се движиме напред.

„Извештајот го објавија на 29 мај, а Бундестагот имаше сесија во мај исто така. Тоа беше еден вид оправдување за одложувањето, но имаше друга причина. На Европа и’ треба повеќе време и требаше време за да се размисли, но сега веќе ситуацијата е појасна. Важно е да се наградат добрие примери, а не да се казнат. Целиот свет ги очекува следните чекори, како на пример решавањето на прашањето за Косово, aко го следат овој позитивен пример кој ние го постигнавме. Една од причините зошто верувам дека ќе има позитивна одлука е токму ова. Мора да се движиме напред. Европа мора да  го задржи ставот на поттикнување на добрите примери и таа треба да биде лидер во овој  дел од светот и Балканот, особено Западен Балкан може да помогнат многу во таа насока“, додаде Заев.