Колку чинеше престојот на над 20 луѓе од владата во Њујорк? – ММС
ММС

Објавено на: 09/30/19 3:53 PM

Колку чинеше престојот на над 20 луѓе од владата во Њујорк?

Пет министри и премиерот, како и нивниот персонал, вклучувајќи ја и сопругата на премиерот Зоран Заев, Зорица, ја сочинуваа македонската делегација на Генералното Собрание на ООН.Само од кабинетот на Заев, вклучувајќи ја и неговата сопруга, биле девет лица. Во делегацијата беа вицепремиерот Бујар Османи, задолжен за европски прашања, министерот за здравство Венко Филипче, министерот за екологија Насер Нуредини, за надворешни работи Никола Димитров и новата министерка за финансии Нина Ангеловска. Во делегацијата беа и советниците за односи со јавност Марјан Забрчанец и Зоран Бојаровски. Колку чини престојот на вака бројна делегација во САД, беше прашан премиерот Зоран Заев.

– Колку пари чини не може да се каже сега, треба да се пресмета, зошто за министрите се плаќаше преку министерствата, а трошокот за министерката за финансии беше целосно покриен од ООН, бидејќи беше прогласена за амбасадор. Министерот за екологија имаше два настапи, исто и министерот за здравство. Сепак, споредено со другите држави, бевме мала делегација. Сакаме да ги рационализираме трошоците, но сепак не смееме државата да ја оставиме со нарушено достоинство, изјави Заев.

За претставувањето и достоинството, опозициските медиуми беа полни критики. Почнувајќи од објавувањето на фотографии до акценти на познавањето на англискиот јазик на Заев.

„Додека Зоран Заев е на говорница, Зорица Заева незаинтересирана, концентрирана на телефонот“, беше еден од коментарите во овие медиуми по говорот на Заев во ОН. Други го коментираа изгледот и облекувањето на Заеви, а трети ги споредуваа Трампови со Заеви на заедничката фотографија. Најкоментирано беше обраќањето на премиерот Зоран Заев на англиски јазик, со забелешка дека достоинствено ќе беше доколку се обратеше на македонски јазик, како што тоа некогаш го правеше екс претседателот Ѓорѓе Иванов.