Премиерот, Зоран Заев прогнозира дека бргу ќе се решат отворените прашања со Бугарија. Тој денеска потсети на Договорот за добрососедство кој го потпишаа со неговиот колега, Бојко Борисов и посочи дека Бугарија е еден од нашите најсилни поддржувачи во Европската унија. Заев уверува дека нема потреба за загриженост, откако бугарскиот претседател Румен Радев денеска изјави треба да бидат поставени „црвени линии” кои ќе гарантираат дека европската интеграција на Република Северна Македонија нема да биде на сметка на употребата на бугарската историја, јазик и идентитет.
„Комисијата е стручна и е направена за да ги дефинира работите. Нашите укажувања се да преземат храбри чекори, чекори засновани на фактите и на вистината, фактите и вистината се јасни и апелираме да се изнајде решение и верувам дека не е доволно само нашата страна да има волја за тоа треба и страната од Бугарија“, рече Заев.
Тој верува дека и ова поглавје од историјата ќе биде надминато и информираше дека до сега се решени четири историски периоди со шест или седум значајни личности кои заедно ги чествуваме дел од тие периоди:
„Политички покажаеме и со договорот дека сме за соработка со Бугарија и продолжуваме во тој правец. Верувам дека и ова поглавје од историјата за кое се разговара ќе биде надминато. Целта ни е да го зајакнеме пријателството и добрососедството. Очекувам дека ќе биде најдено брешение. Бугарија е еден од нашите најсилни поддржувачи во ЕУ, а верувам дека тоа ќе го покаже и со одлуката за добивање датум за преговори по 15 години кандидатски статус. Верувам дека нема потреба за загриженост, го примаме алармот и пораките што се испраќаат од Бугарија. Веќе работиме со комисиите, ќе имаме состаноци и ќе укажеме со конечна цел двете страни да бидат среќни и задоволни при постигнувањето на тоа решение“, изјави премиерот Зоран Заев.
Претседателот на Бугарија, Радев денеска организираше консултативна средба со премиерот Борисов, вицепремиерката и шефица на дипломатијата Екатерина Захариева и министерот за одбрана Красимир Каракачанов. Тие ги разгледуваа нивните односи со нашата земја, во контекст на евентуална одлука на ЕУ за почеток на преговори со официјално Скопје.
Според Радев, бугарската владата треба да преземе екстремни мерки за развој на нова национална позиција со јасни барања и критериуми во одбрана на бугарскиот национален интерес, што треба да биде експлицитно вклучено во рамката за преговори за Република Северна Македонија, како задолжителни услови за членство во ЕУ.
На иста позиција се и останатите кои беа дел од денешната средба. Премиерот, Борисов по состанокот рече дека членството на Северна Македонија во ЕУ е важно, но тоа не може да се случи на сметка на Бугарија со, како што изјави, препишување на историјата.