Педесет и петгодишен маж од Кочани починал, а неговата четириесет и шест годишна сопруга е тешко повредена по семејна расправија.
Според информациите од портпаролката на СВР Штип Гордана Панајотова, настанот во полицијата во 5.20 минути утрово го пријавил нивниот 30 годишен син.
Тој информирал дека во нивниот семеен дом на улицата ,,Климент Охридски“ неговиот педесет и петгодишен татко со остар предмет ја нападнал неговата четириесет и шестгодишна мајка која се здобила со повреди и била пренесена во кочанската болница.
Полициски службеници излегле на местото на настанот при што е пронајдено безживотното тело на 55 годишниот маж со убодна рана во пределот на градите. Увид на лице место веќе врши Јавен обвинител и екипа од Полициската станица Кочани, а подетални информации како и зошто се случила оваа семејна трагедија се очекуваат во текот на денот.