Почна потпишување петиција против издавањето концесија за стопански риболов на Дебарско Езеро – ММС
ММС

Објавено на: 09/28/19 1:37 PM

Почна потпишување петиција против издавањето концесија за стопански риболов на Дебарско Езеро

Спортското риболовно друштво „Трофта” подржано од граѓанскиот сектор и локалната власт почна со собирање потписи против издавањето концесија за стопански риболов на Дебарско Езеро (акумулација Шпилје).

„За само неколку часа петицијата ја потпишаа над 600 лица. Дебарското Езеро е наше богатство со кое се гордееме и кое може многу да придонесе за развој на туризмот. Некогаш беше познато по богатиот рибен фонд, па тука доаѓаа риболовци од многу градови од нашата земја и соседството, а сега тој фонд е речиси целосно уништен“, вели претседателот на Друштвото, Дритан Боцку.

Посочи дека тоа е поради фактот што во периодот од шест години концесионерот до максимум го осиромашил рибниот фонд на езерото, непочитувајќи ги обврските и правилата за концесија.

„Дополнително од август лани езерото нема концесионер, па несовесни граѓани, главно од општините Дебар и Центар Жупа, го доосиромашија езерото. Поради тоа има потреба од најмалку четири-пет години да се стопира стопанскиот риболов. Секако не сме против да се даде концесија за рекреативен риболов“, истакна Боцку.

Петицијата ќе биде доставена до Министертвото за земјоделство, шумарство и водостопанство. На вчерашната седница на Советот на општината пак, советниците одлучија да побараат од Министертвото да не се издава концесија за стопански риболов на Дебарско Езеро.

Според јавнот повик на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за доделување концесија на рибите за вршење стопански риболов риболовната зона „Акумулација Шпилје” – ја опфаќа целата површина на акумулацијата, 500 метри низводно од мостот на реката Црн Дрим, кој се наоѓа северно од хидоцентралата „Глобочица” и 500 метри низводно од мостот за село Долно Косоврасти, освен крајбрежниот дел од 50 метри до брегот и обележаниот појас околу поставените кафези за одгледување на риби.

Краен рок за поднесување на понудите е 15 октомври.