Руски медиуми: Путин не е Трамп, тој е невозможно да се прислушува – ММС
ММС

Објавено на: 09/28/19 7:19 AM

Руски медиуми: Путин не е Трамп, тој е невозможно да се прислушува

Американскиот претседател Доналд Трамп западна во сериозни проблеми поради објавувањето снимки и транскрипти од неговата комуникација со украинскиот претседател Зеленски. А тоа го актуелизира и прашањето колку шефовите на држави и влади се сигурни во комуникациите, кога и претседателот на најмоќната држава во светот е прислушуван.

Во текот на двете децении колку што е во државниот врв, рускиот претседател Владимир Путин никогаш не бил прилсушуван, никој не ги хакирал неговите податоци и никогаш не бил „жртва“ на мајтапење од разни актери, комичари, кои лажно телефонски се претставуваат, тврдат руски медиуми. Пишуваат оти такви пропусти на руските тајни служби никогаш нема да им се случат, а веројатноста за такво нешто била сведена на нула, бидејќи за таквите комуникации федералните безбедносни служби користеле воени сателити.

Путин, како што пишуваат руски медиуми, воопшто разговорите не ги водел од некои посебни простории, а користел мобилен телефон што е само малку подебел од обичните. За претседателските разговори биле предвидени неколку нивоа на заштита. На негов разговор со странски колега задолжително присуствувал и преведувач, дури и ако двајцата соговорници одлично познаваат еден ист јазик.