Aктивисти поставија човечки фигури во природна големина кои го потпираа свлечиштето кај патот во Бањиче, Тетово. Се работи за уште една уметничка акција со која се апелира за небезбедниот пат.
„Патот кој води кон Бањиче на повеќе места е опасен. Ерозии има долж цел коловоз, а оштетени се и потпорните ѕидови. Граѓаните кои го користат овој предел за рекреација, велат дека свлечиштата започнале да се појавуваат откако властите започнале со реконструкција на патот.Патот започна да се реконструрира пред 4 години. Тогаш експертите предупредија дека реконструкцијата се изведува нестручно, затоа што патот се проширува долж стрмните падини на Шара кои се уривуваат, а се сечат и дрвјата што придонесува за нестабилен терен.“
Вака известуваа медиумите месеци наназад за оштетувањата што постојат на патот кон Бањиче а состојбиите и понатаму остануваат исти. Граѓаните, пеш или со автомобил и понатаму се движат по небезбедниот пат.
„Што уште треба да се случи за да се санираат овие оштетувања? Дали некој треба не дај боже да настрада за да биде разбрана ургентоста на проблемот?
Дотогаш не ни преостанува ништо друго од тоа ние, граѓаните да ја преземеме улогата на потпора и држејќи го ѕидот да се обидеме да спречиме поголема катастрофа!“, велат активистите.