Заев: Се ќе биде појасно по второто сведочење на Верушевски – ММС
ММС

Објавено на: 09/27/19 5:34 PM

Заев: Се ќе биде појасно по второто сведочење на Верушевски

Треба да оставиме второто рочиште да ги каже вистините за ова прашање, вели премиерот, Зоран Заев, во врска со сведочењето на поранешниот шеф на УБК, Зоран Верушевски, кој на последното рочиште за „Таргет-Тврдина“ рече дека по неговото приведување „бомбите“ во СДСМ биле „модифицирани и компромитирани.“

-Јас имам, буквално, на дневна основа разговори со моите советници, така и со советникот за национална безбедност, господинот Верушевски. Треба да оставиме второто рочиште да ги каже вистините за ова прашање. Тој во својата разочараност за ова што се случи во Специјалното обвинителство, конвергира на ваквите зборови и употреба. Секако, автентичноста на разговорите никој ја нема оспорено од сите обвинети лица во судот. Форензиката ги потврди разговорите и, прво, да нема дилема за никој во функција на тоа. И, втората дилема, којашто се јавува овде, како тоа господата Звонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски дале информација дека материјалите се предадени на Верушевски, а Верушевски вели, на Социјал демократскиот сојуз, вистината е иста. Тие се предадени на Социјал демократскиот сојуз, но задолжено лице во СДСМ е шефот на Комисијата за безбедносни политики на СДСМ, Зоран Верушевски. Така што, тој го гледа повеќе формалниот аспект. Да оставиме вториот дел, на 10 октомври, кога е продолжението на испрашувањето на господинот Верушевски во својство на сведок, да биде сè јасно за граѓаните и за државата – вели Заев во интервју за „Глас на Америка“.

Заев е оптимист дека до 15 октомври, кога се очекува одлука на министрите на ЕУ за доделување датум за преговори за членство во Унијата, ќе биде постигнат договор за јавното обвинителство.

-Очекувам дека штом се вратам веќе ќе има нешто подготвено од работните групи, од преговарачите од двете страни. Идната недела би бил спремен да се сретнам и со шефот на опозицијата или самите работни групи да направат една средба. Тоа значи дека пред министерскиот совет (на ЕУ), некаде 15, 16 октомври е убаво да го решиме ова прашање. Секако, никогаш не е доцна за такво решавање, но со самото решение ќе испратиме уште една порака за нашата политичка и демократска зрелост дека навистина и она што не е дел од извештајот за нашата земја, сепак, наоѓаме начин да го надминеме, вели Заев.