Премиерот Зоран Заев денеска на средба со генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш ја потврди силната заложба на Северна Македонија за ефективен мултилатерализам и за јакнење на улогата на Обединетите нации во решавањето на сложените глобални предизвици.
Во таа насока, како што соопшти владината прес-служба, беше изразена поддршката за реформскиот процес инициран од Генералниот секретар чиј фокус е ставен на превенцијата на конфликтот, одржливиот развој и реформите во управувањето.
-Во разговорот со генералниот секретар Гутереш, исто така, беше истакнато дека Северна Македонија целосно ја поддржува широката визија на целите за одржлив развој како превенција не само од насилните конфликти и тероризмот, туку и од заканите што доаѓаат од климатските промени, миграциите и бегалските кризи, сајбер-заканите и од другите хибридни закани за човештвото.На средбата беше истакнато дека Владата на Северна Македонија е целосно посветена на спроведувањето на Агендата 2030 и на активностите за интеграција на целите за одржлив развој во националните стратешки документи и локалните акциски планови, наведува прес-службата на Владата.
Премиерот Заев, кој беше во придружба на министерот за надворешни работи Никола Димитров, се заблагодари за поддршката на агенциите на ОН во нашата агенда во процесот на спроведувањето на сеопфатните реформи во Северна Македонија и го информираше генералниот секретар на ОН за актуелната состојба во земјата и за објективните најави за старт за преговорите за членство во ЕУ, како и за процесот на финализација на протоколот за пристапување во полноправно членство во НАТО.
– Посебна благодарност на средбата беше изразена за признанието за важноста на Преспанскиот договор во Годишниот извештај на Генералниот секретар на ОН Гутереш, кој беше оценет како резултат на победата на дипломатијата и дијалогот и како пример дека споровите можат да се решаваат врз основа на партнерство и пријателство во име на заедничкиот интерес за просперитет на народите, се наведува во соопштението за средбата меѓу Заев и Гутереш како дел од агендата на македонската владина делегација на 74-тото Генерално собрание на ОН.
Владината прес-служба информира дека генералниот секретар на ОН Гутереш на средбата истакнал дека се восхитува за договорот од Преспа и го оценил како историски успех со кој треба да се гордееме и кој отвора можности за напредок на земјата, и дека договорот бил важен чекор за скорешното членство во НАТО и за позитивната одлука на ЕУ за датум за старт на преговорите која се очекува во октомври.
– Генералниот секретар покажа интерес и за концептот „Едно општество за сите” и изрази поддршка за политиките на кохезија во неговото остварување и се заблагодари за позитивната улога на Северна Македонија во активностите на ОН, за поддршката на неговите иницијативи, како и за посветеноста на Агендата 2030 за целите за одржлив развој, се наведува во владиното соопштение.