Дефектот во „Арцелор Митал“ бил пријавен кога инспекторите излегоа на терен – ММС
ММС

Објавено на: 09/25/19 6:04 PM

Дефектот во „Арцелор Митал“ бил пријавен кога инспекторите излегоа на терен

Резулатите од мострите земени од реката Вардар покажаа дека се работи за големо загадување со железо и киселина која се користи во индустријата, потврдија за НОВА од ЈП Водовод и канализација-Скопје во чија лабораторија се вршеше испитувањето. Во Вардар на потегот каде што с е наоѓа фабриката „Арцелор Митал“, се излеале неколку тони железо и киселина без да бидат соодветно третирање на отпадните води, поради дефект од пукната када од погонот за челични лимови.
„Донесениот воден примерок по анализа на физичко-хемиски параметри покрај зголемено присуство на обоен суспендиран материја има зголемена концентрација на хемиска потреба за кислород , железо,хлориди,нитрати, електролитска спроводливост, во споредба со земениот примерок од река Вардар пред индустрискиот испуст“, се вели во резулатите од лабораторијата на ЈП Водовод и канализација.
Државниот инспекторат за животна средина привремено го затвори погонот „Ложилница“ на „Арцелор Митал“. Фирмата доби Решение за забрана за работа на погонот од 90 дена или до отстранување на дефектот поради кој во неделата дојде до еколошки инцидент и помор на рибите во реката Вардар.

„Решението за забрана е издадено на погонот „Ложилница“ поради дефектот на пукната када поради што дошло до излевање на материјал измешан со железо и киселина во реката Вардар. Забраната е привремена од 90 дена или до отстранување на дефектите“, изјави за НОВА, Дарко Блинков, Раководител на Одделение за Аналитика, Меѓународна Соработка и Проектiи при Државниот инспекторат за животна средина.

Во петок ќе се знае каква казна ќе добие „Арцелор Митал“, дали ќе има прекршочна и кривична пријава или ќе помине само со прекршочна.
Блинков нагласи дека согласно Законот за животна средина се изготвува решение за казната кон „Арцелор Митал“, а предметот за овој случај ќе оди и во Комисијата за штети. Казната би можела да се движи од 70 000 до 100 000 евра, за прекршок од 3.та категорија.
Испитување од земените мостри во лабораторијата на ЈП Водовод и каналзација
Дефектот не бил веднаш пријавен во соодветните институции од страна на „Арцелор Митал“, туку дури утредента кога веќе инспектори излегоа на терен, тврдат за НОВА во Државниот инспекторат за животна средина. Од таму велат дека на нив никој не им јавил за еколошкиот инцидент и го демантираат тврдењето на државниот секретар Ана Петровска дека дента кога истекле железни оксиди во водите на Вардар немало кој да излезе на терен бидејќи инспекторите биле на службен пат.
“Во понеделникот тие излегле на терен, но можноста за координирана акција во недела, да се земат примероци од реката и да се земат примероци од испустот била пропуштена“, изјави Петровска.
Од ЈП Водовод и канализација посочуваат дека при ваков случај фирмата која поседува Б Интегрирана дозвола е должна веднаш да го пријави инцидентот. Во овој случај по реакција на граѓани на терен излезе градоначалникот Петре Шилегов и инспектори од ЈП Водовод и канализација кои земаа мостри од загадената вода на Вардар. Дури утредента кога инспекторите од Животна средина излегоа на терен од „Арцелор Митал“ го признале инцидентот.

Киселината го нагризува ткивото и го уништува, тоа преставува силен отров, вели за НОВА , професорот Трајче Стафилов од Инстититутот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

„ Поради оваа киселина дошло до помор на рибите во Вардар. Се работи за мешавина на железо и хлороводична киселина или народски кажано солна киселина која има силен ефект иврз другиот жив свет. Ова е труење моментално, кое ќе се неутрализира постепено со протокот на водата. Во процесот на работа лимовите кои што се поминуваат со киселина го раствараат железниот оксид и тие отпадни води вообичеано одат во посебни погони каде се вади железниот оксид, а киселината ја неутрализраат. Поради дефект сето ова заедно се слеало во Вардар“, изјави за НОВА, Стафилов.
Ова не е првпат да дојде до загадување на водите од индустриски капацитети, но и од граѓаните кои ги загадуваат фрлајќи најразличен отпад или отпадни води.
Токму еден од условите за влез во ЕУ на државата е изградба на Прочистителна станица за која државата ќе зема заем од 136 милиони евра од Европската банка за обнова и развој. При крај на годината се очекува да биде распишан меѓународен тендер, појасни за НОВА, Душко Весковски директор на ЈП Водовод и канализација. Тоа е втор по големина преокт во државата, после изградбата на Клиничкиот центар.
„Прочистителната станица се планира да се изгради за три години, а ќе биде лоцирана во близина на Трубарево. Со ова, до 2025 година очекуваме да исполниме еден од условите за влез во Европската Унија“, изјави за НОВА, Весковски.
За реализација на овој проект се вклучени ЈП Водовод и канализација, Град Скопје, Министерствата за животна средина и финансии. Сепак, вакви еколошки инциденти остануваат одговорност на индустриските капацитети и ова е регулирано со интегрираните дозволи кои ги поседуваат.

И токму загадувањето е еден од проблемите кој е нотиран во последниот Извештај на Европската Комисија за Македонија, како земја која аплицира за влез во големото семејство. ЕК укажува дека административниот капицетот за Животна средина на централно и локално ниво е многу слаб, иако соработката со граѓанскиот сектор е зголемена.

„ Не е постигнат напредок во донесувањето на Законот за Инспекција на животната средина и одговорност за животната средина. Техничкиот, институционалниот и административниот капацитет останува слаб и треба да биде зајакне на сите нивоа“, се вели во Извештајот на ЕК.

Регулативите и системот за ревизија на управувањето со животната средина сè уште е во рана фаза.

На загадувањето на водите на глобално ниво постојано укажуваат и ОН не само поради уништувањето на живиот свет, туку повикуваат и на зголемување на обемот на третирање на отпадните води и нивно рециклирање, затоа што отпадните води се „есенцијална компонента во циркуларната економија“.

Во моментов „повеќе од 80% од отпадната вода во светот и повеќе од 95% во некои помалку развиени земји – се испушта во животната средина без претходно третирање на истата“, се наведува во еден од извештаите на ОН.

Во извештајот е наведено дека во просек, во земјите со низок доход само 8 проценти од водата која се користи во домаќинствата и индустриската отпадна вода се третира пред да биде испуштена во околината, споредено со 70% во земјите со висок доход. Како последица, во голем број региони водата која е загадена со бактерии, нитрати и фосфати се испушта во реките и езерата – што на крајот завршува во океаните, предизвикувајќи штетни последици за животната средина и јавното здравје.
(НОВА ТВ)