Поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, може да биде осуден на казна затвор од шест месеци до три години, доколку биде прогласен за виновен за злоупотреба на должноста и службеното овластување распределувајќи рачно судски предмети, односно, избегнување на употреба на АКМИС системот, пренесува „Порталб.мк“.
Панчевски е обвинет од Обвинителството за злоупотреба на должноста и службеното овластување според член 353 став 1 а во врска со член 45 од Кривичниот законик.
„Службено лице кој ја искористува должноста и службеното овластување, со пречекорување на ограничувањата на овластувањето или неизвршување на службената должност, ќе се стекне со корист или ќе оштети некој друг, ќе се казни со казна од шест месеци до три години затвор“, стои во став 1 од член 353 за злоупотреба на службената должност и службеното овластување на Кривичниот законик.
Правните експерти, кои ги консултираше „Порталб.мк“, кратко коментираа дека треба да се следи судската постапка, но не сакаа да коментираат пред да заврши судењето.
Инаку, Панчевски на 21 октомври ќе седне на обвинителната клупа во велешкиот Суд, за злоупотреби со АКМИС системот, односно за рачна распределба на судски предмети додека беше претседател на Основниот суд Скопје 1.
Панчевски е суспендиран од работа за непрофесионално и несовесно вршење на судиската функција. Обвинителството покрена обвинение против Панчевски, за местење предмети кај подобни и одбрани судии додека беше на чело на скопскиот Суд.
Според Обвинителството, тој рачно им распределувал предмети на одбрани судии, заобиколувајќи АКМИС системот за електронска распределба. Освен предметите на редовното Обвинителството, Панчевски рачно ги распределувал и предметите по кои постапуваше Специјалното обвинителство.(Порталб)