Пари и снимки се дел од доказите против Боки 13 – ММС
ММС

Објавено на: 09/25/19 3:58 PM

Пари и снимки се дел од доказите против Боки 13

Видео и аудио снимките, кои ги виде јавноста преку материјалите што ги објави „Ла Верита“, се дел од доказниот материјал, што денеска им бeше презентиран на Бојан Јовановски – Боки 13 и неговиот бранител, адвокатот Сашо Дуковски.

-Има исказ на сведок, парични средства, тоа можам да го кажам затоа што цела Македонија и пола свет го виде.Таму немаше само докази, туку и друг материјал. По моја оценка, беше неопходно Бојан да биде присутен. Само во корелација и консултација со него, ќе одлучиме дополнително. Не значи дека има обемен доказен материјал иако се задрживме три и пол часа. Во материјалите во голем дел има докази од објавените снимки во италијанскиот весник“ – рече адвокатот Дуковски по излегувањето од зградата на обвинителството, каде вршеа убид во доказите.

Адвокатот додаде дека не видел искази на политичари, а дека на одбраната не и’ бил дозволен увид во записникот од сослушувањето на второосомничениот Зоран Милевски Кичеец.

-Не ни беше дозволен увид со образложение дека тоа можеме да го побараме од неговите бранители. Неразбирливо затоа што истрагата е веќе готова. Колку што знам тој се брани со молчење, но ме чуди зошто не можам да го видам тој исказ. Едно е сослушување на сведок, кое обвинителството е должно да ми го даде, а друго сосема различно е статусот на граѓанин од кого се собираат информации, тоа не ми е дадено. Не дека ќе ми помогне или одмогне но не ми е јасно зошто не можам да го видам записникот на соосомничениот, рече Дуковски.

Одбраната на Јовановски смета дека со фактот дека е завршена истрагата, има основа да бараат ослободување од притвор. Освен тоа, како аргумент, Дуковски кажа дека неговиот клиент е во животозагрозувачка состојба, поради што треба да биде пуштен од притвор.

Утре се очекува увид во доказите да изврши Катица Јанева.