Инспекторите од Државниот санитарен и здравствен инспекторат(ДСЗИ) денеска го реализираат вториот вонреден инспекциски надзор на Одделението за ортопедија во Клиничка болница – Штип.
Директорката на ДСЗИ, Ирина Бухова за МИА потврдува дека инспекторите веќе работат по протоколот што го имаат, откако се појавија и нови случаи на поранешни пациенти на оваа одделение, кои се заразиле со Хепатит Ц, со што бројката се искачи на вкупно десет.
Бухова вели дека немаат замерка во однос на преземените мерки и активностите од страна на раководството на штипската Клиничка болница, откако се појавија првите случаи на заболени пациенти од Хепатит Ц. Таа очекува дека веќе во петок инспекторите ќе имаат извештај од сработеното, со што ќе бидат дадени и насоките на болницата.
Центарот за јавно здравје – Штип веќе работи на епидемиолошките анкети, за што помош побараа и од своите колеги од Институтот за јавно здравје. Во моментов се испитува се, со цел да се утврди изворот на заразата. Според анализите, девет пациенти биле оперирани, додека само еден не бил опериран, но добивал болнички третман на одделението. (МИА)
Објавено на: 09/25/19 2:07 PM