МАН бара Обвинителството да ја запре истрагата против новинарот на Инфомакс – ММС
ММС

Објавено на: 09/24/19 8:15 PM

МАН бара Обвинителството да ја запре истрагата против новинарот на Инфомакс

Во соопштение новинарското здружение МАН пишува дека има сознание за обвинителен акт против Александар Митовски, новинар – уредник на порталот Инфомакс.мк, кој објави изводи или дел од сведочења и пријава за случајот „Рекет“.

МАН во соопштението бара Обвинителствотро веднаш да ја запре постапката по обвинителниот акт, бидејќи, како што пишува, ова го смета за еден од најтешките и најбрутални притисоци врз новинарството извршено врз еден медиум од осамостојувањето на Македонија до денес.

-Обвинителството не може да се крие позади квалификацијата “оддавање службена тајна” за наведеното сведочење. Текстот кој е предмет на обвинителен предлог е експлицитен пример за јавен интерес кој се појави откако токму јавното обвинителство преку свои изјави криеше факти од постапката за РЕКЕТ, објавуваше лажни податоци дека во исказите не се споменуваат политичари од власта и слично.Го повикуваме Судот да се отфрли овој обвинителен предлог против новинарот Александар Митовски од Инфомакс и да го запре ова самоволие на Јавното обвинителство кое треба да одговара за сознанијата од објавениот новинарски текст, стои во реакцијата на МАН, која ги известила  ИФЈ, ЕФЈ,  и странските амбасади во Македонија.

Обвинителството денеска соопшти дека поднесе обвинителен предлог за новинар на порталот „Инфомакс“ за објавање на записник од истрагата „Рекет“, односно за кривичното дело оддавање службена тајна од член 360 став 1 од Кривичниот законик.

-Во поглед на околностите на кој начин овој записник е излезен од списите на предметот и како е предаден на обвинетиот новинар за да биде објавен, Обвинителството ќе поведе кривична постапка доколку утврди кое лице го предало и за тоа обезбеди докази, соопшти Основното јавно обвинителство – Скопје.